Acts (14/28)  

1. Bо Иконија влегоа заедно во еврејската синагога и зборуваа така, што мнозина Евреи и Грци поверуваа.
2. Но оние Евреи што не ги послушаа, ги побунија и ги настроија злонамерно душите на неевреите против браќата.
3. Тие сепак останаа тука долго време, смело зборувајќи за Господ, Кој сведочеше за Словото на Својата благодат и овозможуваше нивните раце да прават чудотворни знаци и чуда.
4. Но луѓето во градот се поделија: едни беа со Евреите, а други со апостолите.
5. Кога неевреите и Евреите, со своите старешини, се обидоа да ги нападнат и да ги каменуваат,
6. тие го забележаа тоа и избегаа во ликаонските градови, Листра и Дерба, како и во нивната околина,
7. и таму продолжија да проповедаат.
8. Bо Листра седеше некој човек, со омрцлавени нозе, сакат од мајчината утроба, кој никогаш не одел.
9. Тој го слушаше Павле кога зборуваше, а кога Павле се загледа во него и виде дека има вера за исцелување,
10. му рече со силен глас: "Исправи се на нозете!" И тој скокна и прооде.
11. А толпата, кога виде што направи Павле, го подигна својот глас, велејќи на ликаонски: "Боговите станаа како луѓе и слегоа при нас!"
12. И Барнаба го нарекоа Зевс, а Павле - Хермес, зашто тој беше главниот говорник.
13. А свештеникот на Зевсовото светилиште, што се наоѓаше пред градот, доведе бикови и донесе венци пред портите и сакаше, заедно со народот, да принесе жртва.
14. Но кога го чуја тоа апостолите Барнаба и Павле, ги раскинаа своите облеки, се втурнаа меѓу народот и извикајќи, велеа:
15. "Мажи, зошто го правите тоа? И ние сме луѓе како вас! Но ви го проповедаме Евангелието за да се одвратите од тие суетни нешта, кон живиот Бог, Кој ги создаде небото и земјата, морето и сè што е во нив;
16. Кој во минатите поколенија ги пушти сите народи да одат по своите патишта,
17. и сепак никогаш не ги остави без сведоштво за Себеси со своите добрини, давајќи ви од небото дождови и плодни години и наситувајќи ги вашите срца со храна и веселба."
18. И зборувајќи го тоа, одвај успеаја да го запрат народот да не им принесе жртва.
19. Притоа стигнаа Евреи од Антиох и Иконија и откако го наговорија народот, го каменуваа Павле и го извлечкаа од градот, мислејќи дека е мртов.
20. Меѓутоа, кога учениците се собраа околу него, тој стана и повторно влезе во градот. А утредента отиде со Барнаба во Дерба.
21. Откако проповедаа во тој град и придобија многу ученици, се вратија во Листра, Иконија и Антиох;
22. ги закрепнуваа душите на учениците и ги поттикнуваа да бидат постојани во верата, и дека преку многу неволи треба да влезат во Божјото царство.
23. И кога им определија старешини во одделните цркви, се помолија со пост и Му ги предадоа на Господ, во Кого поверуваа.
24. Потоа поминувајќи низ Писидија, дојдоа во Памфилија;
25. и, откако го проповедаа словото во Перга, слегоа во Аталија;
26. а оттаму отпловија во Антиох, откаде и беа предадени на Божјата благодат за делото што го завршија.
27. И кога пристигнаа и ја собраа црквата, раскажаа, што сè направил Бог со нив, и како им ја отворил вратата на верата на неевреите.
28. И останаа подолго време со учениците.

  Acts (14/28)