Acts (13/28)  

1. Bо црквата во Антиох имаше пророци и учители: Барнаба, Симеон наречен Нигер, па Луциј Кириниецот, Манаин, кој беше израснат со тетрархот Ирод, и Савле.
2. И додека Му служеа на Господ и постеа, Светиот Дух им рече: "Издвојте ми ги Барнаба и Савле за делото за кое ги повикав!"
3. А тие, по постот и молитвата, ги положија рацете на нив и ги испратија.
4. И така, тие, испратени од Светиот Дух, слегоа во Селевкија и оттаму отпловија за Кипар.
5. И кога дојдоа во Саламис, го навестуваа Божјото слово во еврејските синагоги, а го имаа и Јован за помошник.
6. А откако го поминаа целиот остров сè до Пафос, најдоа некој маѓепсник, лажен пророк, Евреин, по име Бар-Исус,
7. кој беше со проконзулот Сергиј Павле, умен човек. Овој ги повика Барнаба и Савле и побара да го чуе Божјото слово.
8. Но му се спротиви маѓепсникот Елим (зашто така се преведува неговото име), настојувајќи да го одврати проконзулот од верата.
9. Тогаш Савле, познат како Павле, исполнет со Светиот Дух, се втренчи и рече:
10. "О, ти исполнет со секакво лукавство и злоба, ѓаволски сину, непријателу на секоја праведност, не ќе престанеш ли да ги искривуваш правите Господови патишта.
11. И, еве, сега Господовата рака е врз тебе: ќе бидеш слеп и за некое време не ќе го гледаш сонцето!" И во истиот час врз него се спушти магла и темнина; и тој џбараше наоколу и бараше луѓе, кои ќе го водат за рака.
12. Тогаш проконзулот, откако виде што стана, поверува, восхитувајќи му се на Господовото учење.
13. А Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и дојдоа до Перга, во Памфилија. Тука Јован се оддели од нив и се врати во Ерусалим.
14. А тие заминаа од Перга и дојдоа во Антиох писидиски, влегоа во синагогата во саботен ден и седнаа.
15. А по читањето на Законот и на пророците, старешините на синагогата испратија до нив да им кажат: "Браќа, ако имате некаква утешна порака за народот, кажувајте!"
16. Тогаш Павле стана, мавна со раката и рече: "Мажи Израелци и вие други, кои имате страхопочит спрема Бог, чујте!
17. Богот на овој израелски народ ги избра нашите татковци и го издигна народот во туѓина, во египетската земја, со воздигната рака ги изведе од таа земја,
18. и откако четириесет години ги трпеше во пустината;
19. и уништи седум народи во Ханаанската земја, им ја даде во наследство нивната земја
20. за околу четиристотини и педесет години. Потоа им даде судии до пророкот Самоил.
21. Тогаш побараа цар, и Бог им го даде Саул, синот на Киш, човек од Бенјаминовото племе, за четириесет години.
22. Кога го отфрли него, им го издигна за цар Давид, за кого посведочи и рече: 'Го најдов Давид, синот Есеев, човек според Моето срце, кој ќе ја исполни сета Моја волја.'
23. Од неговото потомство, Бог - според ветувањето - му издигна на Израел Спасител, Исус,
24. откако Јован, пред Неговото доаѓање, му проповедаше на целиот израелски народ покајно крштавање.
25. А додека Јован ја исполнуваше својата должност, везден велеше: 'За кого ме сметате? Јас не сум Тој, туку, ете, по мене иде Еден, Кому не сум достоен да Му ги одврзам сандалите на нозете.'
26. Луѓе, браќа, синови на Авраамовиот род, и вие, кои имате страхопочит кон Бог, нам ни е испратено словото за ова спасение.
27. Зашто жителите на Ерусалим и нивните началници не Го познаа Него, ниту пророчките зборови што се читаат секој саботен ден, туку Го осудија и така ги исполнија.
28. Иако не најдоа никаква вина, која заслужува смрт, бараа од Пилат да Го погуби.
29. И кога исполнија сè што е напишано за Него, Го симнаа од дрвото и Го положија в гроб.
30. Но Бог Го воскресна од мртвите.
31. И со денови им се појавуваше на оние, кои со Него од Галилеја одеа горе во Ерусалим, а кои сега се Негови сведоци пред народот.
32. Ние ви проповедаме за ветувањето дадено на татковците,
33. дека Бог го исполни пред нас, нивните деца, кога Го воскресна Исус, како што е напишано во вториот псалм: 'Ти си Мој Син, денес Те родив.'
34. А за тоа дека Го воскресна од мртвите и дека веќе не се враќа во распаѓање, го рече ова: 'Ќе ви ги исполнам светите нешта на верниот Давид.'
35. Затоа и во друг псалм вели: 'Нема да дозволиш Твојот Светец да види распаѓање.'
36. А Давид му послужи на своето поколение според Божјата волја, па почина и им се придружи на своите татковци и виде распаѓање.
37. А Оној, Кого Бог Го воскресна, не виде распаѓање.
38. И така, браќа, знајте дека преку Него ви се навестува проштавање на гревовите;
39. и од сето она од кое не можевте да се оправдате преку Мојсеевиот Закон, преку Него се оправдува секој кој верува.
40. И така, гледајте да не дојде на вас она што е речено во Пророците:
41. 'Bидете, вие кои презирате, чудете се и загинете! Зашто Јас правам дело, во вашите денови, дело во кое нема да поверувате, дури и ако некој би ви раскажувал.'
42. А кога излегуваа, луѓето ги молеа да им ги кажуваат овие зборови и идната сабота.
43. Кога собирот се разотиде, многу Евреи и прозелити, кои Го почитуваа Бог, тргнаа по Павле и Барнаба, кои им зборуваа и ги уверуваа да продолжат во Божјата благодат.
44. Следната сабота се собра речиси целиот град да го чуе Божјото слово.
45. А кога Евреите ја видоа толпата, се исполнија со завист, им противречеа на Павловите зборови и хулеа.
46. Тогаш Павле и Барнаба им рекоа решително: "Требаше најнапред вам да ви се проповеда Божјото слово, но бидејќи вие го отфрлате од себе и не се сметате достојни за вечен живот, еве, ние им се обраќаме на неевреите,
47. зашто Господ ни заповеда така: 'Те поставив за светлина на неевреите, да им бидеш спасение до крајот на земјата.'"
48. Кога неевреите го чуја тоа, се зарадуваа и го славеа Господовото слово и поверуваа мнозина што беа определени за вечен живот.
49. А Господовото слово се распространуваше по целата земја.
50. Евреите ги поттикнаа угледните, побожните жени и градските првенци, и поттикнаа гонење против Павле и Барнаба, та ги изгонија од нивната област.
51. Овие го истресоа правот од своите нозе и дојдоа во Иконија.
52. А учениците се исполнуваа со радост и со Светиот Дух.

  Acts (13/28)