Acts (12/28)  

1. Bо тоа време царот Ирод почна да им напакостува на оние кои и припаѓаа на црквата.
2. И го погуби со меч Јовановиот брат Јаков.
3. А кога виде дека тоа им се допадна на Евреите, го фати и Петар. А беа денови на Бесквасните лебови.
4. Го фати и го фрли в зандана, предавајќи им го на четири стражи од по четворица војници да го чуваат, со намера да го изведе пред народот по Пасхата.
5. И така, Петар го чуваа во занданата, а црквата постојано Го молеше Бога за него.
6. И кога Ирод сакаше да го изведе, истата ноќ Петар спиеше меѓу двајца војници, окован во двојни вериги, а имаше и стражари пред вратата кои ја чуваа занданата.
7. И ете, Господов ангел застана и светлина болсна во ќелијата. Тој го потчукна Петар отстрана, го разбуди и му рече: "Бргу станувај!" И веригите му паднаа од рацете.
8. Тогаш ангелот му рече: "Препаши се и обуј си ги сандалите!" Петар така постапи. И уште му рече: "Префрли си ја наметката и тргни по мене!"
9. И тој излезе и тргна по него, без да знае дека тоа што го стори ангелот се случува вистински, ами мислеше дека гледа привид.
10. Откако ги поминаа првата и втората стража и дојдоа до железната порта, која води во градот, таа им се отвори сама. И продолжија и втасаа на една улица, а ангелот веднаш исчезна.
11. А кога Петар дојде на себеси, рече: "Сега навистина знам дека Господ го пратил Својот ангел, и ме избави од Иродовата рака и од сè што очекуваше еврејскиот народ."
12. Согледувајќи го тоа, дојде до куќата на Марија, мајката на Јован, наречен Марко, каде што беа собрани мнозина на молитва.
13. И кога чукна на вратата од тремот, дојде слугинката, по име Рода, да наслушне.
14. И кога го препозна Петровиот глас, од радост не ја отвори портата, туку втрча и јави дека Петар стои пред порта.
15. А тие и рекоа: "Ти бладаш!" Но таа и натаму тврдеше дека е вистина. Тие пак рекоа: "Тоа е неговиот ангел."
16. А Петар продолжуваше да чука. И кога ја отворија портата, го видоа и се зачудија.
17. Тој им даде знак со раката да молчат и им раскажа како Господ го изведе од занданата и рече: "Јавете им за ова на Јаков и на браќата!" Потоа излезе и отиде на друго место.
18. А кога се раздени, настана голема бркотија меѓу војниците: околу тоа што се случи со Петар?
19. Кога Ирод го побара, и не го најде, ги сослуша стражарите и заповеда да ги погубат, па слезе од Јудеја во Цезареја, каде остана да живее.
20. Ирод беше гневен на тирците и сидонците, но тие дојдоа еднодушно при него, и откако го придобија царевиот собар Бласт, замолија за мир, зашто нивната земја се хранеше од царската земја.
21. Bо определениот ден, Ирод, облечен во царска руба, седна на престолот пред народот и му одржа говор.
22. А народот извикуваше: "Тоа е Божји глас, а не човечки!"
23. Bо тој час, Господов ангел го удри, зашто не му оддаде слава на Бог, и изеден од црви, умре.
24. Господовото слово растеше и се распространуваше.
25. А Барнаба и Савле, откако ја исполнија службата, се вратија од Ерусалим, земајќи го со себе Јован, наречен Марко.

  Acts (12/28)