Acts (11/28)  

1. А апостолите и браќата во Јудеја чуја дека и неевреите го примиле Божјото слово,
2. и кога Петар дојде горе во Ерусалим, обрежаните се препираа со него,
3. велејќи: "Bлезе при необрежани луѓе и јадеше со нив!"
4. Тогаш Петар почна да им зборува и да им излага редум:
5. "Бев во градот Јопа, се молев и во занес видов видение, нешто како големо платно, што врзано на четирите краишта слегува од небото, и дојде до мене.
6. Кога погледнав во него и разгледав, видов во него четироножни земни животни, ѕверови, лазачи и небесни птици.
7. И чув глас, кој ми рече: 'Стани, Петре! Коли и јади!'
8. А јас реков: 'Никако, Господи, зашто ништо погано или нечисто никогаш не влегло во мојата уста.'
9. Тогаш гласот од небото ми рече по вторпат: 'Она што Бог го исчистил, не нарекувај го нечисто!'
10. Тоа се случи трипати и пак сè беше повлечено горе на небо.
11. И ете, во тој час, три човека испратени од Цезареја кај мене, застанаа пред куќата во којашто бев.
12. Тогаш Духот ми рече да одам со нив без никакво сомнение. И овие шестмина браќа дојдоа со мене и влеговме во куќата на човекот.
13. Тогаш тој ни раскажа како во својата куќа видел ангел, кој застанал и му рекол: 'Прати луѓе во Јопа и повикај го Симон, наречен Петар!
14. Тој ќе ти каже зборови, преку кои ќе бидеш спасен ти и целиот твој дом.'
15. И кога почнав да зборувам, Светиот Дух слезе на нив, како и на нас во почетокот.
16. Тогаш се сетив на Господовите зборови: 'Јован крштаваше со вода, а вие ќе бидете крстени со Светиот Дух.
17. И така, ако Бог им дал ист дар, кога поверуваа во Господ Исус Христос, како и нам, кој сум јас да можам да Му го забранам тоа на Бог?"
18. Кога го чуја тоа, се смирија и Го прославија Бог, велејќи: "Значи, Бог им даде и на неевреите покајание за живот!"
19. А оние, кои беа раштркани поради гонењето кое се подигна заради Стефан, поминаа сè до Веникија, Кипар и Антиох, не говорејќи никому за Словото, освен на Евреите.
20. А некои од нив беа Кипрани и Киријци, кои кога дојдоа во Антиох им зборуваа и на Грците, навестувајќи Го Господ Исус.
21. А Господовата рака беше со нив па голем број кои поверуваа се преобратија кон Господ.
22. Кога веста за нив дојде до ушите на црквата во Ерусалим, го испратија Барнаба во Антиох.
23. Откако дојде и посведочи за Божјата благодат, се зарадува и со решително срце ги охрабруваше сите да останат во Господ.
24. Имено, тој беше добар човек, исполнет со Светиот Дух и со вера; и големо множество се присоедини кон Господ.
25. Тогаш Барнаба отиде во Тарс да го побара Савле; и кога го најде, го доведе во Антиох.
26. И така, цела година се собираа со црквата и поучија многу народ. Првпат во Антиох учениците ги нарекоа христијани.
27. Bо тие денови пророци од Ерусалим слегоа во Антиох.
28. А еден од нив, по име Агаб, стана и објави преку Духот дека ќе има голем глад по целиот свет, каков што беше во времето на Клавдиј.
29. Тогаш учениците решија, секој според своите можности, да им испрати помош на браќата во Јудеја.
30. Така и сторија, испраќајќи им ја на старешините преку Барнаба и Савле.

  Acts (11/28)