Acts (10/28)  

1. Bо Цезареја беше некој човек, по име Корнелиј, стотник во таканаречениот Италски полк.
2. Тој со сиот свој дом беше посветен и богобојазлив, му даваше многу милостина на народот и постојано Му се молеше на Бог.
3. Околу деветтиот час на денот, виде јасно во видение Божји ангел, како доаѓа при него и му вели: "Корнелиј!"
4. Овој се загледа во него и исплашен изусти: "Што е, Господи?" А тој му рече: "Твоите молитви и твоите милостини се воздигнаа до Бог и Тој си спомнува за нив.
5. А сега, испрати луѓе во Јопа и повикај го Симон, наречен Петар.
6. Тој престојува кај некој кожар, Симон, чија куќа е крај морето."
7. И кога си отиде ангелот кој му зборуваше, викна двајца свои слуги и еден побожен војник, од оние кои беа постојано покрај него,
8. и откако им кажа сè, ги испрати во Јопа.
9. А утредента, додека тие патуваа и се приближуваа до градот, Петар излезе околу шестиот час и се качи на покривот од куќата за да се помоли.
10. Огладне и посака да јаде; и додека му приготвуваа јадење, тој падна во занес
11. и виде отворено небо и нешто како големо платно, врзано за четирите краишта како се спушта на земјата.
12. Bо него беа сите четироножни животни, диви ѕверови, земни лазачи и небесни птици.
13. И еден глас му рече: "Стани, Петре, коли и јади!"
14. А Петар рече: "Никако, Господи, зашто уште никогаш не сум јал нешто погано и нечисто!"
15. А гласот повторно му се јави: "Она што Бог го има исчистено, не нарекувај го погано!"
16. Тоа се случи трипати, и платното пак се крена на небо.
17. И додека Петар беше во недоумение, што би можело да значи видението што го виде, ете, луѓето испратени од Корнелиј, стоеја пред тремот, се распрашуваа за куќата на Симон,
18. па прашаа дали тука престојува Симон, наречен Петар?"
19. И додека Петар уште размислуваше за видението, Духот му рече: "Еве, те бараат тројца мажи;
20. стани, слези долу и оди со нив без никакво сомнение, зашто Јас ги пратив!"
21. Тогаш Петар слезе кај луѓето и рече: "Еве, јас сум оној што го барате. Зошто дојдовте?"
22. А тие рекоа: "Стотникот Корнелиј - човек праведен и богобојазлив, посведочен од целиот еврејски народ, прими заповед од свет ангел да те повика во својот дом и да чуе зборови од тебе."
23. Тогаш ги повика внатре и ги прибра. А утредента стана и отиде со нив, а некои браќа од Јопа го придружија.
24. На другиот ден влегоа во Цезареја, а Корнелиј ги очекуваше, и ги беше повикал своите роднини и блиски пријатели.
25. А кога Петар влегуваше, Корнелиј го пречека, падна пред неговите нозе и се поклони.
26. Петар го подигна, велејќи: "Стани! И јас сум само човек!"
27. Така разговарајќи со него, влезе и најде мнозина собрани,
28. на кои им рече: "Bие знаете дека на Евреин не му е дозволено да се дружи со човек туѓинец и да доаѓа кај него. Но, мене Бог ми кажа никого да не нарекувам поган или нечист.
29. Затоа дојдов без противење кога ме повикавте, па ве прашувам - која е причината што ме викнавте?"
30. И Корнелиј рече:"Има четири дена, па до овој час, деветтиот, постев и се молев во својот дом; и ете, пред мене застана човек во светла облека
31. и рече: 'Корнелиј, ислушана и прифатена е твојата молитва и Бог си спомна за твоите милостини.
32. Затоа, испрати некого во Јопа и повикај го Симон, наречен Петар! Тој престојува во куќата на Симон, кожарот, крај морето.'
33. И веднаш пратив да те повикаат, а ти арно направи што дојде. Сега, тука, сите сме пред Бог, за да чуеме што сè Господ ти заповедал."
34. Тогаш Петар изусти, велејќи: "Навистина гледам дека Бог не е наклонет кон никого,
35. туку кај секој народ Нему Му е мил оној, што има страхопочит спрема Него и кој постапува праведно.
36. Bие го знаете Словото што им го испрати на синовите на Израел, навестувајќи го Евангелието на мирот преку Исус Христос (Тој е Господ на сите).
37. Самите знаете што се случи по сета Јудеја, почнувајќи од Галилеја, по крштавањето што го навестуваше Јован;
38. Го знаете Исус од Назарет, како Бог Го помаза со Светиот Дух и со сила, Кој проживеа правејќи добрини и исцелувајќи ги сите кои ѓаволот ги измачуваше, зашто Бог беше со Него.
39. А ние сме сведоци за сè што направи во земјата на Евреите и во Ерусалим; Го убија обесувајќи Го на дрво.
40. Него Бог Го воскресна на третиот ден и Му даде да се појави,
41. но не на сите луѓе, туку на однапред од Бог избраните сведоци - нам, коишто јадевме и пиевме со Него откако воскресна од мртвите.
42. Тој ни заповеда да му навестиме на народот и смело да сведочиме дека Тој е од Бог определениот Судија на живите и мртвите.
43. Сите пророци сведочат за Него дека секој кој верува во Него добива проштавање на гревовите преку Неговото име."
44. Додека Петар сè уште ги зборуваше овие зборови, Светиот Дух слезе на сите кои го слушаа говорот
45. и се зачудија обрежаните верници кои дојдоа со Петар, дека и на неевреите се излеа дарот на Светиот Дух;
46. зашто ги чуја како зборуваат во јазици и Го величаат Бог. Тогаш Петар рече:
47. "Може ли некој да им забрани да се крстат со вода овие што Го примија Светиот Дух како и ние?"
48. И им заповеда да се крстат во името на Исус Христос. Тогаш го замолија да остане уште неколку денови.

  Acts (10/28)