2Timothy (4/4)    

1. Те заколнувам пред Бог и Христос Исус, Кој ќе им суди на живите и на мртвите со Неговото јавување и Неговото царство:
2. проповедај го словото, настојувај во време и во невреме, укорувај, предупредувај, охрабрувај со сета трпеливост и со поука.
3. Зашто ќе дојде време кога не ќе го трпат здравото учење, туку според своите похоти ќе си насоберат учители какви што сакаат, па тие да им ги скокоткаат ушите,
4. и ќе ги одвратат ушите од вистината, а ќе се свртат кон приказни.
5. А ти биди трезвен во сè, истрпи зло, врши ја работата на евангелист и исполнувај ја својата служба докрај.
6. Зашто јас веќе се излеав и времето на моето заминување настапи.
7. Извојував добра борба, го завршив патот, ја запазив верата.
8. А сега натаму ми е подготвен венецот на праведноста, што ќе ми го даде во оној Ден Господ, Праведниот Судија, и не само мене, туку и на сите кои го засакаа Неговото јавување.
9. Погрижи се набргу да дојдеш кај мене,
10. зашто Димас ме остави, бидејќи го засака сегашниов свет и отиде во Солун. Крискент отиде во Галатија, а Тит во Далмација.
11. Само Лука е со мене. Земи го Марко и доведи го со себе, зашто ми е полезен за службата.
12. Тихик го пратив во Ефес.
13. Кога ќе дојдеш, донеси ми ја наметката што ја оставив во Троја кај Карп и свитоците, особено пергаментните!
14. Бакарџијата Александар ми направи голема пакост; Господ ќе му плати според неговите дела.
15. И ти пази се од него, зашто им се противеше многу на нашите зборови.
16. При мојата прва одбрана никој не беше со мене, туку сите ме оставија; нека не им се припише за зло!
17. Но Господ беше со мене и ми даде сила, за преку мене да се изврши навестувањето, и за да го чујат сите народи; а јас бев избавен од лавовска уста.
18. Господ ќе ме избави од секое зло дело и сигурно ќе ме воведе во Своето небесно царство, на кое слава Му за вечни векови. Амин!
19. Поздрави ги Прискила и Акила и домот на Онисифор!
20. Ераст остана во Коринт, а Трофим го оставив болен на Малта.
21. Погрижи се да дојдеш пред зимата! Те поздравуваат Еубул, Пуден, Лин, Клаудија и сите браќа.
22. Господ да биде со твојот дух! Благодатта да биде со вас.

  2Timothy (4/4)