2Timothy (3/4)  

1. И знај го ова: во последните денови ќе настапат тешки времиња,
2. зашто луѓето ќе бидат себични, среброљупци, фаленичари, горделиви, пцујачи; непокорни на родителите, неблагодарни, несвети;
3. без љубов, непомирливи, злобни клеветници, невоздржани, свирепи, непријатели на доброто,
4. предавници, безобѕирни, надуени, повеќе сластољубиви отколку богољубиви,
5. кои имаат изглед на побожност, а се откажале од нејзината сила; а таквите одбегнувај ги!
6. Зашто меѓу нив има такви кои се вовлекуваат во домовите и ги мамат неразумните жени обременети со гревови, кои се водени од различни страсти,
7. кои постојано учат, а никогаш да дојдат до познавањето на вистината.
8. И како што Јаниј и Јамвриј му се спротивија на Мојсеј, така и овие и се противат на вистината, луѓе со изопачен ум, отфрлени во однос на верата.
9. Но нема да напредуваат веќе, зашто нивното безумие ќе се открие пред сите, како што се откри и на оние двајца.
10. А ти внимателно го следеше моето учење, поведението, замислата, верата, долготрпението, љубовта, истрајноста,
11. прогонствата, страдањата што ми се случија во Антиох, во Иконија и во Листра. Какви прогонства претрпев, а Господ ме избави од сите!
12. А и сите кои ќе живеат побожно во Христос Исус, ќе бидат прогонувани,
13. додека злите луѓе и измамниците ќе напредуваат во злото, мамејќи и бидувајќи мамени.
14. А ти остани во она што си го научил и во што си убеден, зашто знаеш од кого си го научил и
15. зашто уште од детството ги познаваш Светите Писма, кои можат да ти ја дадат мудроста која води кон спасение преку верата во Христос Исус.
16. Целото Писмо е од Бог вдахновено и е полезно за поучување, за прекорување, за поправање и за воспитување во праведност,
17. за да биде Божјиот човек совршен и подготвен за секое добро дело.

  2Timothy (3/4)