2Timothy (2/4)  

1. Затоа, ти чедо мое, зајакнувај во благодатта, која е во Христос Исус!
2. И она што го имаш слушнато од мене пред многу сведоци, довери им го на доверливи луѓе, кои исто така ќе бидат способни да поучуваат и други!
3. Поднесувај ги со мене страдањата, како добар воин на Христос Исус!
4. Никој, кој е во воена служба, не се плетка во работите од секојдневието, за да му угоди на оној кој го повикал да биде војник.
5. Исто така, ако некој се натпреварува, не добива венец ако не се натпреварува според правилата.
6. Земјоделецот кој се труди треба прв да вкуси од плодовите.
7. Разбери што зборувам, а Господ ќе ти даде разбирање за сè.
8. Помни Го Исус Христос, Кој воскресна од мртвите, Кој е од Давидовото потомство, според моето Евангелие,
9. за кое страдам сè до окови, како некаков злосторник. Но Божјото слово не е оковано.
10. Заради тоа поднесувам сè заради избраните, та и тие да го добијат спасението во Христос Исус, а заедно со него и вечна слава.
11. Bеродостојно е кажаното: "Ако умревме со Него, со Него и ќе живееме;
12. ако издржиме, со Него и ќе царуваме; ако се откажеме од Него, и Тој ќе се откаже од нас;
13. ако сме неверни, Тој останува верен! Зашто Сам Себе не може да се откаже."
14. Напомнувај им ги овие работи и наложи им сериозно пред Бог, да не се препираат околу зборови, што е неполезно и што води кон пропаст на слушателите.
15. Труди се да се покажеш себеси проверен пред Бога како работник, кој не треба да се срами, кој правилно го образложува словото на вистината!
16. А одбегнувај непристојни и празни разговори, зашто тоа води кон поголема безбожност,
17. а нивните зборови ќе се шират како рак-рана. Меѓу таквите се Именеј и Вилет,
18. кои скршнаа од вистината, тврдејќи дека воскресението веќе настапило и со тоа ја рушат верата на некои.
19. Сепак, цврсто стои Божјата основа, која го има овој печат: "Господ ги познава Своите" и "Секој што Го изговара Господовото име нека отстапи од неправдата!"
20. А во голем дом има не само златни и сребрени садови, туку и дрвени и земјени. Едните се за почесна, а другите за срамна намена.
21. Па така, ако некој се исчисти од овие работи, ќе биде сад за почесна намена, осветен, полезен на господарот и подготвен за секое добро дело.
22. Бегај од страстите на младоста! Стреми се кон праведност, вера, љубов и мир со оние кои Го повикуваат Господа од чисто срце.
23. Отфрли ги безумните и неразумните распрашувања, знаејќи дека раѓаат расправии!
24. А Господовиот слуга не смее да се расправа, туку треба да биде благ спрема сите, способен да поучува и да е трпелив;
25. да ги воспитува со кроткост оние кои се противат, за да им даде Бог покајание, кое води кон целосно познавање на вистината,
26. за да си дојдат на себеси и да избегаат од стапицата на ѓаволот кој ги има заробено за да ја вршат неговата волја.

  2Timothy (2/4)