2Thessalonians (3/3)    

1. Најпосле, браќа, молете се за нас, та Господовото слово брзо да напредува и да се прославува како и кај вас,
2. а да бидеме избавени од лоши и зли луѓе, зашто сите немаат вера.
3. Но верен е Господ Кој ќе ве утврди и ќе ве запази од злиот.
4. Уверени сме во Господ, за вас, дека го вршите и дека ќе го вршите она што ви го заповедаме.
5. А Господ да ги насочи вашите срца кон Божјата љубов и кон Христовото трпение!
6. А вам ви наложуваме, браќа, во името на нашиот Господ Исус Христос, да се двоите од секој брат, кој води неуреден живот, а не по преданието што го примивте од нас.
7. Навистина, сами знаете како треба да нè имате за пример, зашто ние не се однесуваме неуредно меѓу вас,
8. ниту јадевме дарум нечиј леб, туку работевме во труд и напор, ноќе и дење, за да не му бидеме на товар некому од вас.
9. Не затоа што немавме право на тоа, туку за ние самите да бидеме пример што ќе го следите.
10. Зашто и кога бевме со вас, ви го заповедавме ова: ако некој не сака да работи, нека и не јаде!
11. Имено, слушаме дека некои меѓу вас живеат неуредно, ништо не работат, туку се занимаваат со празни работи.
12. На таквите им заповедаме и ги молиме во Господ Исус Христос: да работат со смиреност и да си го јадат својот сопствен леб.
13. А вие, браќа, да не се уморувате правејќи добро!
14. Ако пак некој не го послуша нашиот совет преку писмово, обележете го и не мешајте се со него, за да се засрами.
15. Но не сметајте го за непријател, туку предупредувајте го како брат.
16. А Самиот Господ на мирот секогаш да ви дава мир во секакви околности. Господ да биде со сите вас!
17. Јас, Павле, своерачно ве поздравувам; тоа е белег во секое писмо, јас така пишувам.
18. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со сите вас.

  2Thessalonians (3/3)