2Thessalonians (2/3)  

1. А сега, ве молиме, браќа, во однос на доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос и за нашето заедничко собирање кај Него,
2. не дозволувајте брзо да се поколебате во разумноста, ниту да се исплашите од некој дух или слово, ни од некое послание, како да е од нас испратено, како веќе да настапил Господовиот Ден!
3. Никој да не ве измами на никаков начин, зашто тоа нема да се случи додека првин не дојде отпадништвото и не се појави човекот на безаконието, синот на погибелта,
4. кој се противи и се воздига над сè што се нарекува Бог или светиња, така што ќе седне во Божјиот храм и ќе се претставува себеси дека тој е Бог.
5. Не помните ли дека за ова ви зборував уште кога бев кај вас?
6. И сега знаете што го задржува за да се открие во своето време.
7. Зашто, тајната на беззаконието веќе дејствува, додека не се отстрани од средината Оној што сега ја задржува,
8. и потоа ќе се јави беззаконикот кого Господ ќе го убие со здивот на Својата уста и ќе го уништи со појавата на Своето доаѓање.
9. Тоа е оној, чие доаѓање е во согласност со сатанското дејствување, со секаква сила, со чудотворни знаци, со лажни чуда
10. и со секаква неправедна измама за оние кои загинуваат, зашто не ја примија љубовта на вистината за да се спасат.
11. И затоа Бог им праќа заблуда да дејствува меѓу нив за да и веруваат на лагата,
12. та да бидат осудени сите, кои не и поверуваа на вистината, а имаа задоволство во неправедноста.
13. А ние сме должни секогаш да Му благодариме на Бог за вас, браќа, мили на Господ, зашто Бог ве избра за спасение уште од почетокот, преку осветувањето на Духот и вера во вистината.
14. И затоа ве повика преку нашето Евангелие, за да ја добиете славата на нашиот Господ Исус Христос.
15. Затоа, браќа, стојте цврсто и држете ги преданијата што ги научивте од нас, било преку слово или преку наше послание.
16. А Самиот наш Господ Исус Христос и Бог, нашиот Татко, Кој нè засака и ни даде вечна утеха и добра надеж преку благодатта
17. нека ги утеши вашите срца и нека ве утврди во секое добро дело и слово!

  2Thessalonians (2/3)