2Peter (1/3)  

1. Симон Петар, слуга и апостол на Исус Христос, до оние кои преку праведноста на нашиот Бог и Спасител, Исус Христос, ја примија истата скапоцена вера како и ние:
2. да ви се множат благодатта и мирот во познавањето на Бог и Исус, нашиот Господ.
3. Неговата божествена сила ни подари сè што ни е потребно за животот и побожноста, преку вистинското познавање на Оној Кој нè повика преку Својата сопствена слава и доблест,
4. со што ни се подарени Неговите скапоцени и величествени ветувања, та преку нив да станете соучесници во божествената природа, откако се оттргнавте од расипаноста, која преку похотата владее во светот;
5. токму заради ова, вложете ја сета своја сила, и исполнете ја својата вера со доблест, а доблеста со знаење;
6. а знаењето со самоконтрола; а самоконтролата со трпение; а трпението со побожност;
7. а побожноста со братољубие; а братољубието со љубов.
8. Зашто, ако го имате сето тоа и ако тоа се умножува, не сте бескорисни, ниту бесплодни во познавањето на нашиот Господ Исус Христос,
9. но, оној кој го нема тоа, е слеп или кусоглед, зашто заборавил дека е исчистен од своите минати гревови.
10. Затоа, браќа, трудете се уште повеќе да го зацврстите вашето призвание и избор. Имено, ако го правите тоа, никогаш нема да се сопнете.
11. Зашто така во изобилство ќе ви се даде влегувањето во вечното Царство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.
12. Затоа ќе гледам секогаш да ве потсетувам за овие работи, иако вие ги знаете и сте зацврстени во вистината што ја имате.
13. Но сметам дека имам право, додека сум во ова телесно живеалиште, да ве поттикнувам со потсетување,
14. зашто знам дека наскоро ќе го оставам моето земно живеалиште, како што јасно ми стави до знаење нашиот Господ Исус Христос.
15. А ќе настојувам вие, и по моето заминување, секогаш да си спомнувате за ова.
16. Bпрочем, кога ви ги објавивме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос, ние не одевме по лукаво измислени сказни, туку бевме очевидци на Неговото величество.
17. Зашто кога Тој прими од Бог Таткото чест и слава, од величествената слава Му дојде овој глас: "Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја",
18. а ние го чувме тој глас кој дојде од небото, кога бевме со Него на светата гора.
19. И така, имаме поцврсто пророчко слово; а вие правите добро што внимавате на него, како на светило што свети во темно место, додека не осамне денот и ѕвездата Деница не болсне во вашите срца.
20. Но знајте го пред сè ова: ниедно пророштво во Писмото не е од нечие сопствено толкување,
21. зашто никогаш ниту едно пророштво не потекнува од човечка волја, туку луѓе поттикнати од Светиот Дух зборувале од Бога.

      2Peter (1/3)