2Corinthians (9/13)  

1. А во врска со собирањето помош за светиите, излишно е да ви пишувам,
2. зашто позната ми е вашата готвност, за која се фалам пред Македонците дека Ахаја уште од лани е приготвена и дека вашата ревност поттикнала мнозина од нив.
3. Сепак ги испратив браќата, за да не се покаже, во овој случај, празно нашето фалење со вас и за да бидете, како што реков, подготвени,
4. та ако дојдат со мене Македонците и ве најдат неподготвени, да не се усрамиме ние, да не речам вие.
5. И така, сметав за нужно да ги молам браќата пред нас да дојдат кај вас и да го приготват однапред вашиот отпорано ветен изобилен дар, така што да биде подготвен како дарежливост, а не како нешто изнудено.
6. А ова ви го велам: кој сее скудно, скудно и ќе жнее; кој сее штедро, штедро и ќе жнее!
7. Секој нека даде како што решил во срцето, а не безволно и не сосила, зашто Бог го љуби радосниот дарител.
8. А Бог е способен изобилно да ја излее сета благодат врз вас, па имајќи секогаш доволно сè што е потребно, да имате изобилно за секое добро дело,
9. како што е напишано: "Раздаваше нашироко, им даваше на сиромашните,Неговата праведност останува во вечни векови."
10. Оној Кој му дава семе на сејачот и леб за храна, ќе го умножи и вашето семе и ќе ја зголеми жетвата на вашата праведност;
11. и ќе бидете збогатени во сè за секаква штедрост, која преку нас предизвикува благодарност кон Бога.
12. Зашто извршувањето на оваа служба, не само што им ги надополнува потребите на светиите, туку и преизобилува со многу благодарење на Бога.
13. Поради доказот на оваа служба тие ќе Го прослават Бог, заради вашата послушност кон Христовото Евангелие кое го исповедате и за штедроста на вашиот придонес за нив и за сите,
14. а тие со својата молитва за вас, покажуваат дека копнеат по вас заради преизобилната Божја благодат во вас.
15. Вала Му на Бога за Неговиот неискажлив дар!

  2Corinthians (9/13)