2Corinthians (8/13)  

1. Bе известувам, браќа, за Божјата благодат дадена на црквите во Македонија;
2. дека, иако во прекумерни неволи, нивната изобилна радост и длабоката беда покажаа преизобилно богатство на нивната штедрост.
3. Зашто сведочам, дека според своите можности, а и преку нив, дадоа доброволно
4. и нè молеа многу да им укажеме можност да учествуваат во издршката на светиите,
5. и тоа, не како што се надевавме, туку првин самите себе Му се предадоа на Господ, а потоа и нам, според Божјата волја.
6. Затоа го замоливме Тит, како што порано започна така и да го заврши меѓу вас и ова дело на благодат.
7. И како што изобилувате во сè, во вера, во говор, во знаење, во секаква усрдност и во љубовта спрема нас, трудете се да изобилувате и во ова дело на благодат.
8. Не го велам ова како заповед, туку ја испитувам искреноста на вашата љубов преку усрдноста на другите.
9. Зашто позната ви е благодатта на нашиот Господ Исус Христос, како, заради вас, од богат стана сиромав, за да се збогатите вие преку Неговата сиромаштија.
10. Со ова ви давам само совет, зашто тоа е полезно за вас, кои од минатата година почнавте не само да го правите тоа, туку и да имате желба да го правите.
11. А сега довршете го и тоа дело, па како што имавте готовност во настојувањето, така да имате и во довршувањето, според вашите можности.
12. Зашто, ако има добра волја, таа е прифатлива според она што се има, а не според она што се нема.
13. Бездруго, не сакам со олеснувањето на другите, да ви донесе неволја вам, туку да има рамноправност -
14. вашево сегашно изобилие да ја покрие нивната скудност, та и нивното изобилие да и послужи на вашата скудност, за да има рамноправност,
15. според она што е напишано: "Кој собра многу, немаше излишно, а кој собра малку, немаше скудност."
16. Но, Му благодарам на Бога, Кој истата грижа за вас му ја стави во срцето на Тит!
17. Зашто тој не само што ја прифати нашата молба, туку, бидејќи беше многу усрден, доброволно отиде кај вас.
18. Со него го пративме и братот кој стана познат по сите цркви заради неговата работа за Евангелието.
19. И не само тоа, туку црквите го одредија да патува со нас за ова дело на милосрдност, на кое му служиме за слава на Самиот Господ и да ја покажеме својата подготвеност.
20. Со тоа сакаме да избегнеме да не ни се префрли заради овој штедар дар со кој располагаме.
21. Зашто, ние се грижиме за она што е чесно не само пред Господ, туку и пред луѓето.
22. А со нив го испративме и нашиот брат, чија ревност ја испитавме повеќепати во многу работи, а кој е уште поревносен сега, заради големата доверба во вас.
23. Што се однесува до Тит, тој е мој другар и соработник меѓу вас. А што се однесува до нашите браќа, тие се пратеници на црквите, Христова слава.
24. И така, покажете го пред црквите доказот на вашата љубов и на нашите пофалби за вас.

  2Corinthians (8/13)