2Corinthians (7/13)  

1. И така, мили мои, кога ги имаме овие ветувања, да се исчистиме од секоја духовна и телесна нечистотија, усовршувајќи ја својата светост во страв од Бог.
2. Примете нè во вашите срца! Никому не згрешивме, никого не расипавме, никого не измамивме.
3. Не ви го велам ова за да ве осудам, зашто, пред малку реков дека сте во нашите срца за да умреме и за да живееме заедно.
4. Имам голема доверба во вас и многу се фалам со вас; исполнет сум со утеха; преплавен сум со радост во сите наши неволи.
5. Зашто, и кога дојдовме во Македонија, нашето тело немаше спокој, туку отсекаде бевме во невола: однадвор борби, однатре стравови.
6. Но, Оној Кој ги утешува понизните, нè утеши со доаѓањето на Тит;
7. и не само со неговото доаѓање, туку и со утехата со која тој се утеши заради вас, известувајќи нè за вашиот копнеж, за вашата тага, за вашата ревност за мене, така што се зарадував уште повеќе.
8. Зашто, дури и да ве нажалив со ова послание, не се каам. Па иако се покајав, оти навистина гледам дека посланието ве натажи, макар и за кратко, -
9. сега се радувам, не заради тоа што се нажаливте, но затоа што се нажаливте за покајание; бидејќи се нажаливте според Бога, за да не бидете во нешто оштетени од нас.
10. Зашто, тагата која е по Божја волја донесува покајание за спасение, за кое не се жали; но тагата на светот донесува смрт.
11. Зашто, видете, колкава искрена сесрдност произлезе токму од ова, од вашата побожна тага: каква одбрана, какво негодување, каков страв, каков копнеж, каква ревност и казнување. Покажавте во сè дека сте чисти во тоа дело.
12. Bпрочем, ако и ви пишав, не го напишав тоа заради престапникот, ни заради оној што претрпел зло, туку за да се покаже пред Бога вашата грижа за нас.
13. Затоа и се утешивме. Но покрај оваа наша утеха, многу повеќе се израдувавме заради радоста на Тит, зашто сите вие го освеживте неговиот дух.
14. Ако му се пофалив со нешто за вас, не се посрамив, туку како што сè ви зборувавме вистинито, така и нашето фалење пред Тит се покажа вистина.
15. А неговото срце уште повеќе чувствува за вас, кога ќе се сети на вашата послушност, како го примивте со страв и трепет.
16. Се радувам што можам во сè да имам доверба во вас.

  2Corinthians (7/13)