2Corinthians (5/13)  

1. Имено, знаеме дека ако се разурне нашиот земен дом што е како шатор, имаме од Бог вечна градба на небесата, која не е изградена од човечка рака.
2. Па затоа овде офкаме и копнееме да се облечеме во своето небесно живеалиште;
3. само така облечени, нема да бидеме затекнати голи.
4. Зашто, додека сме во овој шатор, воздивнуваме обременети, бидејќи не сакаме да бидеме необлечени, туку да бидеме облечени, та животот да го проголта она што е смртно.
5. А Бог нè приготви токму за ова, со тоа што ни Го даде Духот како залог.
6. И така, секогаш сме бодри и знаеме дека сè додека живееме во телото, далеку сме од Господ,
7. бидејќи живееме според вера, а не според гледање.
8. Бодри сме, велам, и повеќе сакаме да го напуштиме телово и да појдеме дома кај Господ.
9. Затоа и се стремине да Му угодиме Нему, било да сме дома или далеку,
10. зашто сите ние треба да се појавиме пред Христовиот суд, и секој да си го добие она што го правел во телото, било добро или лошо.
11. Следствено, знаејќи го стравот од Господ, ги уверуваме луѓето, додека на Бог сме Му познати, а се надевам дека сме им познати и на вашите совести.
12. Не ви се препорачуваме повторно, туку ви даваме повод и вие да се фалите со нас, за да имате што да им одговорите на оние што се фалат со надворешноста, а не со срцето.
13. Bпрочем, ако не бевме здрави ви умот, тоа е заради Бога; ако сме со здрав ум, тоа е заради вас.
14. Зашто, Христовата љубов нè обзема откако дојдовме до заклучокот дека штом еден умрел за сите, значи сите умреле.
15. А Тој умре за сите, та живите да не живеат повеќе сами за себе, туку за Оној Кој умре и воскресна за нив.
16. Затоа отсега ние не познаваме никого по тело; иако Христос Го познавме и по тело; сега веќе не Го познаваме како таков.
17. И така, ако некој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, еве сè стана ново.
18. А сето ова е од Бог, Кој нè измири со Себе преку Христос и ни ја даде службата на измирувањето,
19. имено, Бог го миреше светот со Себе во Христос, не земајќи ги предвид неговите престапи и ни го довери нам словото на измирувањето.
20. Значи, ние сме Христови пратеници, па Бог ве моли преку нас. Bе молиме во името на Христос, помирете се со Бог!
21. Оној Кој не знаеше за грев, Бог Го направи грев заради нас, за да станеме Божја праведност во Него.

  2Corinthians (5/13)