2Corinthians (4/13)  

1. Затоа, кога го имаме ова служење, откако добивме милост, ние не се обесхрабруваме,
2. туку се одрековме од тајните, срамни работи; не живееме во лукавство, ниту го изопачуваме Божјото слово, туку преку откривањето на вистината се препорачуваме себеси на секоја човечка совест, пред Бог.
3. Ако пак е скриено нашето Евангелие, скриено е за оние кои гинат;
4. на кои богот на овој свет им го заслепил разумот, за да не ја видат светлината на Евангелието на славата на Христос, Кој е Божји лик.
5. Зашто, ние не се проповедаме себеси, туку Христос Исус како Господ; а себеси како ваши слуги заради Исус.
6. Зашто, Бог, Кој рече светлина да светне од темнината, е Тој Кој засвети во нашите срца, за да ги осветли со познавањето на Божјата слава пред Христовото лице.
7. А ова богатство го имаме во земјени садови, та ненадминливото величие на моќта да биде од Бога, а не од нас.
8. На мака сме од сите страни, но не сме скршени; притеснети сме, но не очајуваме;
9. нè прогонуваат, но не сме напуштени; кутнати сме, но не сме погубени,
10. секогаш носејќи ја во телото Исусовата смрт, за Исусовиот живот да се покаже во нашето тело.
11. Зашто ние живите постојано сме предавани на смрт заради Исус, за Исусовиот живот да се покаже во нашето смртно тело.
12. И така, смртта дејствува во нас, а животот во вас.
13. А бидејќи го имаме истиот дух на верата, како што е напишано: "Јас поверував и затоа зборував," и ние веруваме и затоа зборуваме,
14. знаејќи дека Оној Кој Го воскресна Господ Исус, ќе нè воскресне и нас со Исуса и заедно со вас ќе нè претстави пред Себеси.
15. Зашто сето ова е заради вас, та благодатта, која се распространува преку мнозина, да предизвика изобилно благодарење за слава на Бог.
16. Затоа, не папсуваме, па и ако се распаѓа нашиот надворешен човек, внатрешниот се обновува од ден на ден.
17. Зашто, нашата сегашна лесна невола ни донесува прекумерно, и неизмерно, вечно изобилство на слава,
18. бидејќи ние не гледаме на она што е видливо, туку на она што е невидливо; зашто видливите работи се привремени, а невидливите се вечни.

  2Corinthians (4/13)