2Corinthians (3/13)  

1. Почнуваме ли пак да се препорачуваме сами себеси? Или, можеби ни се потребни, како на некои, писмени препораки за вас или од вас?
2. Bие сте нашето писмо напишано во срцата наши, кое го познаваат и го читаат сите луѓе.
3. Зашто е очигледно дека сте Христово писмо, составено преку нашата служба; напишано не со мастило, туку со Духот на живиот Бог; не на камени плочи, туку на телесни плочи - човечките срца.
4. А такво уверување спрема Бог имаме преку Христос.
5. Не дека сме подобни сами од себе да помислиме за нешто, туку, нашата подобност доаѓа од Бог,
6. Кој и нè направи подобни за служители на еден нов завет ; не на буквата, туку на Духот, зашто буквата убива, а Духот оживува.
7. Ако пак служењето на смртта, со букви врежано во камења, беше толку славно, така што израеловите синови не можеа да погледнат во Мојсеевото лице, поради сјајот на неговото лице, кој поминуваше,
8. како тогаш служењето на Духот не ќе биде уште пославно?
9. Зашто, ако е славно служењето што донесува осуда, многу е пославно служењето што донесува праведност.
10. Зашто и она што имаше слава, во овој случај немаше, заради славата која надминува.
11. Зашто, ако беше со слава она што поминува, многу повеќе е славно она што е трајно.
12. И така, имајќи ваква надеж, зборуваме со голема смелост,
13. и не сме како Мојсеј, кој ставаше превез на своето лице, та израеловите синови да не го гледаат крајот на она што исчезнува.
14. Но нивните умови беа закоравени. Зашто, до ден денешен останува истиот превез несимнат при читањето на Стариот Завет, бидејќи се симнува само во Христос.
15. И така, до денес, кога го читаат Мојсеј, превез ги прекрива на нивните срца.
16. Но, кога некој се обрати кон Господ, превезот се отстранува.
17. Зашто Господ е Духот, а каде што е Господовиот Дух, таму има слобода.
18. А ние сите, со откриено лице, гледајќи ја како во огледало Господовата слава, и се преобразуваме во истиот лик од слава во слава, така како што го прави тоа Господ, Духот.

  2Corinthians (3/13)