2Corinthians (2/13)  

1. Но во себеси решив да не доаѓам кај вас пак со жал.
2. Зашто, ако јас ве жалостам, тогаш кој ќе ме развеселува мене, ако не оној кого јас го ожалостувам?
3. И точно тоа ви го напишав, кога ќе дојдам да не бидам ожалостен од оние кои би требало да ме зарадуваат; и уверен сум во сите вас дека мојата радост ќе биде радост и на сите вас.
4. Зашто, ви пишував во голема мака, со тешкотија на срцето и со многу солзи, не за да ве ожалостам, туку за да ја познаете големата љубов што ја имам особено спрема вас.
5. Ако некој ме ожалостил, не ме ожалостил мене, туку, во извесна смисла, да не претерувам, сите вас.
6. На таквиот му е доста казната од мнозинството,
7. така што наспроти тоа, вие треба побргу да му простите и да го утешите, за да не го обземе преголема жалост.
8. Затоа, ве молам, повторно да покажете љубов спрема него.
9. Токму затоа и ви напишав, за да ве испитам дали сте послушни во сè.
10. А кому вие ќе му простите нешто, нему му проштавам и јас. Зашто, она што сум го простил, доколку сум простил, сум го простил заради вас пред Христос;
11. за да не нè искористи сатаната; бидејќи не ни се непознати неговите намери.
12. Кога дојдов во Троја заради Христовото Евангелие, и кога врата ми се отвори во Господ,
13. немав мир во својот дух, зашто не го најдов братот Тит, и затоа, откако се простив од нив, отидов во Македонија.
14. Но, фала Му на Бога, Кој секогаш нè води во Неговата победа во Христос, и на секое место, преку нас, го шири благиот мирис на Неговото познавање,
15. зашто, ние сме Христов благ мирис пред Бог меѓу оние кои се спасуваат, и меѓу оние кои загинуваат;
16. на едните смртен мирис за смрт, а на другите животен мирис за живот. А кој е подобен за сето ова?
17. Зашто, ние не го изопачуваме Божјото слово, како што мнозина го прават тоа, туку зборуваме искрено како од Бог, зборуваме во Христос пред Бог.

  2Corinthians (2/13)