2Corinthians (13/13)    

1. Ова е третпат како доаѓам кај вас. "Од устата на двајца или тројца сведоци ќе биде потврдена секоја работа."
2. Како што ве предупредив кога бев кај вас вториот пат, така и сега ве предупредувам, кога не сум кај вас, дека тие што згрешиле пред тоа, и сите други, ако дојдам повторно, нема да ве поштедам,
3. штом барате доказ дали зборува во мене Христос, Кој не е немоќен спрема вас, туку е силен во вас.
4. Зашто, иако беше распнат во немоќ, сепак живее преку Божјата моќ. И ние исто така сме немоќни во Него, но ќе живееме преку Него од Божјата моќ спрема вас.
5. Испитувајте се сами себеси дали сте во верата, проверете се сами себе! Или не го знаете ова за себеси, дека Исус Христос е во вас, освен ако не сте лажни.
6. Но се надевам дека ќе познаете оти ние не сме лажни.
7. Го молиме Бога да не направите никакво зло, не за да се потврдиме ние, туку за да правите вие добро, а ние да прилегаме на лажни.
8. Затоа ние не можеме ништо против вистината, туку само за вистината.
9. Имено, се радуваме кога сме ние слаби, а вие јаки; затоа и се молиме за вашето обновување.
10. Затоа ви го пишувам ова, во отсуство, за да не постапам строго, кога ќе бидам кај вас, според власта што Господ ми ја даде за надградување, а не за разурнување.
11. На крајот, браќа, радувајте се, усовршувајте се, утешувајте се, бидете едномисленици, живејте во мир; и Бог на љубовта и на мирот ќе биде со вас!
12. Поздравете се еден друг со свет целив ! Bе поздравуваат сите светии!
13. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос, љубовта на Бог и заедништвото на Светиот Дух да бидат со сите вас!

  2Corinthians (13/13)