2Corinthians (12/13)  

1. Валењето е потребно, иако не е полезно, но сепак ќе поминам на Господовите виденија и откровенија.
2. Познавам еден човек во Христос, кој пред четиринаесет години, не знам дали во телото или надвор телото, Бог знае, беше грабнат и издигнат до третото небо.
3. И за таквиот човек, не знам дали во телото или надвор од телото, Бог знае,
4. знам дека беше грабнат и издигнат до рајот и дека чул неискажливи зборови, што човек не може да ги каже.
5. Ќе се фалам со таков човек, а со себеси нема да се фалам, освен со своите немоќи.
6. Зашто, дури и да сакам да се фалам, нема да бидам неразумен, бидејќи ќе ја зборувам вистината. Но се воздржувам, за да не помисли некој за мене повеќе, отколку што во мене гледа или од мене слуша.
7. А за да не се возвишам поради многуте откровенија, даден ми е трн во телото, сатанин ангел, за да ме удира, за да не се возвишам!
8. Трипати го преколнував Господ тоа да го отстрани од мене.
9. А Тој ми рече: "Доста ти е Мојата благодат, зашто Мојата сила се покажува совршена во немоќта." Затоа, со поголема радост ќе се фалам во своите немоќи, за да ме осени Христовата сила.
10. Затоа наоѓам задоволство во немоќите, навредите, маките, прогонувањата, тешкотиите заради Христос, зашто кога сум немоќен, тогаш сум силен.
11. Станав безумен; вие ме принудивте. А требаше вие да ме препорачувате, зашто во ништо не сум помал од познатите апостоли, иако не сум никој и ништо.
12. Знаците на вистинските апостоли беа извршени меѓу вас во секакво трпение, во чудотворни знаци, чуда и сили.
13. Bо што бевте помалку од другите цркви, освен што јас не ви бев товар? Простете ми ја таа грешка!
14. Еве, готов сум да дојдам кај вас и по третпат, и нема да ви бидам товар, зашто не го барам вашето, туку вас. Зашто, децата не се должни да печалат за родителите, туку родителите за децата.
15. А јас со најголемо задоволство ќе потрошам сè и самиот ќе се потрошам за вашите души. Кога јас ве љубам толку многу, треба ли да бидам помалку љубен?
16. Па нека биде така! Не ви бев товар, но сепак, како итар човек, ве добив со измама.
17. Дали ве искористив преку некој од оние што ви ги испратив?
18. Го замолив Тит и со него го испратив оној брат. Зар Тит ве искористи? Зар не живеевме по истиот дух? Не одевме ли по истите стапки?
19. Bие веќе мислите дека се браниме пред вас! Пред Бог, во Христос, зборуваме, а сè е тоа, мили мои, за ваша надградба.
20. Зашто се плашам, кога ќе дојдам, да не ве најдам такви какви што ве сакам, и да не се најдам и јас пред вас таков каков што вие не ме сакате; да не затекнам меѓу вас: кавги, завист, гнев, соперништво, клевети, шушукања, вообразеност, вознемирувања;
21. и кога ќе дојдам пак, да не ме понизи мојот Бог пред вас и да не треба да плачам за мнозина, кои згрешиле порано, а не се покајале за нечистотата, блудството и срамните нешта што ги направиле.

  2Corinthians (12/13)