2Corinthians (11/13)  

1. Ох, да можете уште малку да го истрпите моето безумие! Но, вие, бездруго, ме трпите!
2. Зашто, љубоморам за вас со Божја љубомора; бидејќи ве свршив со еден маж, за да ве приведам како чиста девица пред Христос.
3. Но се плашам, како што змијата ја измами Ева со своето лукавство, така и вашите мисли да не се одвратат од едноставноста и од чистотата на преданоста во Христос.
4. Зашто, ако некој дојде да ви проповеда друг Исус кого ние не го проповедавме, или ако примате друг дух кого не го примивте, или друго Евангелие, кое не сте го прифатиле, вие сето тоа лесно го трпите.
5. А, мислам дека во ништо не сум помал од познатите апостоли.
6. Дури и да сум невешт во говорот, не сум во знаењето; тоа бездруго ви го покажавме во сите нешта.
7. Грев ли сторив понижувајќи се самиот за да ве издигнам вас, кога бесплатно ви го проповедав Божјото Евангелие?
8. Ограбив други цркви, примајќи од нив плата, за вам да ви служам.
9. А кога бев кај вас и бев во нужда, никому не му бев на товар; зашто за моите потреби се погрижија браќата кои дојдоа од Македонија. И се пазев во сè, и ќе се пазам, да не ви бидам на товар.
10. Христовата вистина е во мене, и оваа моја пофалба нема да биде ограничена во ахајските краишта!
11. Зошто? Затоа ли што не ве љубам? Бог знае!
12. А тоа што го правам, ќе го правам и во иднина, за да не им дадам можност на оние кои бараат повод да бидат сметани како нас во она во што се фалат.
13. Зашто таквите луѓе се лажни апостоли, измамливи работници, кои се преправаат во Христови апостоли.
14. И не е чудно, зашто и самиот сатана се преправа во ангел на светлината.
15. Тогаш, не е голема работа, ако и неговите слуги се преправаат во слуги на праведноста, чиј крај ќе им биде според нивните дела.
16. Пак велам, никој нека не ме смета за безумен; ако пак ме смета како таков, примете ме како безумен, за да имам барем малку да се пофалам.
17. А она што го кажувам сега, не го кажувам како што би го кажал Господ, туку како во безумство, во смелоста на фалењето.
18. И кога веќе мнозина се фалат по телото, и јас ќе се фалам;
19. зашто вие, кои сте мудри, со задоволство ги трпите безумните!
20. Имено, поднесувате ако некој ве заробува, ако некој ве проголтува, ако некој ви одзима, ако некој се возвишува себеси, ако некој ве удира по лице.
21. За срам велам, како да бевме немоќни. Но ако е некој смел во нешто (зборувам во безумство) и јас сум смел.
22. Евреи ли се? И јас сум. Израелци ли се? И јас сум. Авраамово потомство ли се? И јас сум.
23. Христови служители ли се? (зборувам во безумство), јас сум уште повеќе. Повеќе се трудев, повеќепати бев во зандани, тепан безброј пати; многупати во смртна опасност.
24. Од Евреите примив петпати по четириесет удари без еден.
25. Трипати бев тепан со стапови, еднаш каменуван, трипати доживеав бродолом и ноќ и ден поминав на отворено море.
26. Често патував, бев во опасности од реки, во опасности од разбојници, во опасности од сонародници, во опасности од неевреи; во опасности во град, во опасности во пустина, во опасности на море, во опасности меѓу лажни браќа;
27. во труд и тешкотија, многупати во неспиење, во глад и жед, во многу постење, на студ и во голотија;
28. покрај тие надворешни нешта, ме притискаат грижата за сите цркви.
29. Кој изнемоштува, та да не изнемоштам и јас? Кој се соблазнува, а јас да не согорувам?
30. Ако треба да се фалам, ќе се фалам со својата немоќ.
31. Бог и Таткото на нашиот Господ Исус, Кој е благословен во вечни векови, знае дека не лажам.
32. Bо Дамаск, намесникот на царот Арета, го чуваше дамасковиот град, сакајќи да ме фати, а јас бев спуштен низ прозорец, во кош, преку ѕидот и избегав од неговите раце.

  2Corinthians (11/13)