2Corinthians (10/13)  

1. А јас самиот, Павле, ве преколнувам преку Христовата кроткост и благост; јас, кој сум понизен кога сум меѓу вас, но сум смел кон вас кога сум далеку од вас!
2. Сакам, кога ќе бидам кај вас, да не треба да истапам со онаа смелост со која мислам да истапам против некои, кои мислат дека постапуваме според телото.
3. Ние, навистина, живееме во телото, но не војуваме според телото,
4. зашто оружјето на нашето војување не е телесно, туку е со божествена моќ за разурнување на упориштата.
5. Ние ги рушиме мудрувањата и сè што се крева против познавањето на Бог, ја плениме секоја мисла за послушност на Христос
6. и готови сме да казниме секаква непослушност, откако ќе се исполни вашата послушност.
7. Гледате површно на нештата! Ако некој е уверен во себе дека е Христов, уште еднаш во себе нека помисли на ова: како што е тој Христов, така сме и ние!
8. Зашто, ако се пофалам и малку повеќе со нашата власт што Господ ни ја даде за ваше надградување, а не за ваша пропаст, нема да се засрамам;
9. но нека не изгледа дека сакам да ве заплашувам со моите посланија,
10. зашто, "посланијата му се", некои велат, "тешки и силни; но кога е лично присутен, тој е немоќен, а зборовите му се за презир."
11. Таквиот нека знае дека она што сме на збор преку посланијата кога сме отсутни, тоа сме и на дело кога сме присутни.
12. Имено, не се осмелуваме да се вбројуваме или да се споредуваме со некои кои се препорачуваат сами себеси; но не постапуваат разумно, кога се мерат сами со себе и се споредуваат сами со себе.
13. А ние не сакаме прекумерно да се фалиме, туку само во рамките на досегот, што Бог ни го определи како мера, за да достигнеме дури до вас.
14. Ние не се протегаме прекумерно, како што ќе беше ако не достигневме до вас; зашто ние први стигнавме до вас со Христовото Евангелие;
15. и не се фалиме прекумерно со туѓи напори, туку се надеваме, кога ќе порасне вашата вера, дека ние, и надвор од нашиот досег, уште повеќе ќе бидеме величени меѓу вас;
16. и дека ќе го проповедаме Евангелието и подалеку од вас, а да не се фалиме со тоа што е направено во туѓ делокруг.
17. "Кој се фали, во Господ да се фали."
18. Зашто, не е достоен оној кој самиот се препорачува, туку оној кого Господ го препорачува.

  2Corinthians (10/13)