2Corinthians (1/13)  

1. Павле, апостол на Исус Христос, преку Божјата волја, и братот Тимотеј, до Божјата црква во Коринт, со сите светии, кои се по цела Ахаја.
2. Благодат вам и мир од Бог, нашиот Татко, и од Господ Исус Христос!
3. Благословен да е Бог и Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Таткото на милосрдноста и Бог на секоја утеха,
4. Кој нè утешува во секоја наша невола, за да можеме и ние да ги утешуваме оние што се наоѓаат во каква и да е невола, со утехата со која Бог нè утешува нас самите.
5. Зашто, како што Христовите страдања изобилуваат во нас, така преизобилува и нашата утеха преку Христос.
6. Ако сме измачувани, тоа е за ваша утеха и спасение. Ако ние се утешуваме, тоа е за ваша утеха, која е делотворна во трпеливото поднесување на истите страдања, што ги трпиме и ние.
7. Нашата надеж за вас е цврста, знаејќи дека вие учествувате како во нашите страдања така и во нашата утеха.
8. Браќа, всушност, сакаме да знаете каква невола нè снајде во Азија, дека бевме оптоварени преку секоја мера и над нашите сили, така што не се надевавме ни да го запазиме својот живот.
9. Навистина, во себе ја носиме смртната пресуда, за да не се надеваме сами на себеси, туку на Бог, Кој ги воскреснува мртвите.
10. Тој нè избави од толку блиска смрт и уште ќе нè избавува Оној, во Кого се надеваме. Тој уште ќе нè избавува
11. со помош на вашите молитви за нас, за мнозина да Му заблагодарат за даруваната благонаклоност што ја добивме преку многумина.
12. Зашто нашата пофалба е оваа: сведоштвото на нашата совест, дека во светот, а особено спрема вас, се однесувавме во светост и побожна искреност, не во телесна мудрост, туку во Божја благодат.
13. Зашто, не ви пишуваме ништо друго, освен она што го читате и разбирате, а се надевам дека ќе разберете докрај,
14. како што веќе нè разбравте делумно, дека ние сме ваша пофалба, а вие наша, во денот на нашиот Господ Исус.
15. Со таа увереност сакав да дојдам најпрвин кај вас, за да примите двоен благослов;
16. и преку вас да поминам во Македонија, а од Македонија пак да дојдам кај вас, и вие да ми помогнете во моето патување за Јудеја.
17. Да не постапив лекомислено кога го посакав тоа? Или пак да не се моите намери телесни, така што истовремено да велам и "да" и "не"?
18. Бог е верен дека нашето слово кон вас не е и "да" и "не."
19. Зашто Божјиот Син, Христос Исус, Кого Го проповедавме меѓу вас, јас, Силуан и Тимотеј, не беше "да" и "не", туку во Него беше "да",
20. бидејќи Божјите ветувања, колку многу и да се, во Него се "да." Затоа преку Него и ние самите велиме "Амин", за слава на Бог.
21. А Бог е Тој кој нè утврдува заедно со вас во Христос и нè помаза,
22. и нè запечати и ни го даде Духот во нашите срца, како залог.
23. А јас Го повикувам Бог за сведок на мојата душа, дека за да ве поштедам, не дојдов повеќе во Коринт;
24. не оти ние господариме со вашата вера, туку сме соработници за ваша радост, зашто во верата вие стоите цврсто.

      2Corinthians (1/13)