2Chronicles (17/36)  

1. Наместо него стана цар синот негов Јосафат, којшто се зацврсти против Израилците.
2. Тој распореди војски по сите утврдени градови на Јудеја и постави стражи по земјата Јудејска и по градовите Ефремови, што ги беше завладеал татко му Аса.
3. И Господ беше со Јосафата, зашто одеше по правите патишта на таткото свој Давид и не ги побара Вааловците,
4. туку Го побара Бога на таткото свој и постапуваше по Неговите заповеди, а не по делата на Израилците.
5. И Господ го зацврсти царството во рацете негови; сите Јудејци му носеа подароци на Јосафата; тој се здоби со големо богатство и слава.
6. Срцето негово му се возвиси во Господовите патишта; притоа тој ги премавна оброчиштата и младите шуми во Јудеја.
7. А на третата година од царувањето ги испрати кнезовите свои Бенхаил, Овадија, Захарија, Натанаила, и Михеја да го поучуваат народот по Јудините градови,
8. и со нив левитите: Семаја, Нетанија, Зевадија, Азаила, Семирамота, Јонатана, Адонија, Товија и Тов-Адонија, а со нив уште и свештениците Елишам и Јорам.
9. Тие ги подучуваа Јудејците, носејки ја со себе книгата на законот Господов; ги обиколуваа сите јудејски градови и го учеа народот.
10. И ги обзеде страв Господов сите земни царста околу Јудеја, и не војуваа со Јосафата.
11. А од Филистејците му носеа на Јосафата дарови и сребро за данок; исто така и Арапите му донесуваа ситен добиток: седум иљади и седумстотини овни и седум иљади и седумстотини јарци.
12. Се издигаше Јосафат се повеке, и изгради во Јудеја домови градови и тврдини.
13. Тој имаше големо богатство во јудејските градови, а во Ерусалим - храбри борци.
14. Еве го нивниот список според домовите на татковците нивни: од Јуда иљаданачалници: Адна водач, којшто имаше триста иљади храбри војници;
15. по него Јоанан началник, кој имаше двесте и осумдесет иљади;
16. по него Амасија, Зихриев син, кој се беше посветил на Господа; тој имаше двесте иљади силни војници.
17. Од Венијамина: храбриот војник Елијад, кој имаше двесте иљади вооружени со лак и штит;
18. по него Јозавад, кој имаше сто и осумдесет иљади вооружени војници.
19. Ете, тие му служеа на царот, освен од оние, што ги беше распоредил царот во утврдените градови по цела Јудеја.

  2Chronicles (17/36)