1Timothy (6/6)    

1. Сите што се под јарем, робовите, своите господари нека ги сметаат достојни за секаква почест, за да не се хули Божјото име и учењето.
2. А оние што имаат верни господари, нека не ги презираат, зашто се браќа, туку нека им служат подобро, зашто оние кои се ползуваат од нивните услуги се верни и возљубени браќа! Така поучувај и поттикнувај!
3. Ако некој поучува инаку и не ги следи здравите зборови на нашиот Господ Исус Христос и на учењето на побожноста,
4. тој е надмен и не знае ништо, и боледува за распрашувања и препирки околу зборови од кои произлегуваат: завист, кавги, хулења, зли сомневања,
5. постојани караници меѓу луѓето со изопачен ум и лишени од вистината, кои мислат дека побожноста е средство за добивка.
6. Bсушност, побожноста е голема добивка, кога е споена со чувството на доволност.
7. Зашто ништо не донесовме на овој свет, ниту можеме да однесеме нешто.
8. А кога имаме храна и облека, да бидеме задоволни со тоа!
9. А оние кои сакаат да се богатат, паѓаат во искушение и во стапица и во многу неразумни желби и похоти што ги туркаат луѓето во пропаст и погибел,
10. зашто љубовта спрема парите е коренот на сите зла; некои му се предадоа, скршнаа од верата и си нанесоа многу болки.
11. А ти, Божји човеку, бегај од сето тоа! И стреми се кон праведност, побожност, вера, љубов, трпеливост и кроткост!
12. Bојувај ја добрата борба на верата, зграби го вечниот живот за кој си повикан и за кого си дал добра исповед пред многу сведоци!
13. Ти заповедам пред Бога, Кој оживува сè и пред Христос Исус, Кој пред Понтиј Пилат посведочи со добра исповед,
14. да ја чуваш заповедта чиста и непорочна до јавувањето на нашиот Господ Исус Христос,
15. кое, во свое време, ќе Го открие благословениот и единствениот Bладетел, Царот на царевите и Господар на господарите;
16. Кој единствено има бесмртност и живее во непристапна светлина, Кого никој од луѓето не Го видел ниту може да Го види. Нему чест и вечна сила. Амин!
17. Заповедај им на богатите на овој свет да не бидат горделиви и да не се надеваат на непостојаното богатство, туку во Бог, Кој ни дава изобилно сè, за наслада,
18. да прават добро, да бидат богати во добри дела, да бидат дарежливи и штедри;
19. да собираат за себе благо како добра основа за иднината, за да зграбат вистински живот.
20. О, Тимотее, чувај го тоа што ти е доверено, и одбегнувај нечисти и празни разговори и противречноста на таканареченото "познавање",
21. за кое некои се држат и така скршнаа од верата. Благодат со вас.

  1Timothy (6/6)