1Timothy (5/6)  

1. Не прекорувај строго постар човек, туку опоменувај го како татко, а помладите како браќа,
2. старите жени како мајки, а помладите како сестри, со целосна чистота.
3. Почитувај ги вдовиците - оние кои се навистина вдовици.
4. Ако некоја вдовица има деца или внуци, тие прво нека научат да покажат побожност спрема своето семејство, и да им го возвраќаат нужното почитување на своите родители, зашто тоа е добро и угодно пред Бог.
5. А вистинска вдовица е онаа која останала сосема сама, се надева во Бога и е постојана деноноќно во молби и молитви.
6. А онаа која живее распуштено, уште жива, е мртва.
7. Пренеси го и ова: да бидат непорочни.
8. Ако некој не се грижи за своите, особено за домашните, тој се откажал од верата и е полош од неверник.
9. Bо списокот на вдовиците да се запишува само таква вдовица која не е помлада од шеесет години, која била жена на еден маж,
10. која има сведоштво за добри дела, ако одгледала деца, ако била гостољубива спрема туѓинци, ако им миела нозе на светии, ако им помагала на страдалници и ако се посветила на секое добро дело.
11. А помлади вдовици не примај, зашто кога ќе ги привлече насладата, спротивно на Христос, сакаат да се мажат,
12. со што навлекуваат врз себе осуда, зашто отстапиле од првиот завет.
13. А освен тоа, бидејќи се без работа, свикнуваат да одат по куќите. И не само без работа, туку се и зборлести и љубопитни, и зборуваат што не треба.
14. Затоа, сакам младите вдовици да се мажат, да раѓаат деца, да бидат домаќинки, за да не му даваат на противникот никаков повод за прекорување.
15. Имено, некои веќе скршнале и тргнале по сатаната.
16. Ако некоја верна жена има роднини вдовици, нека ги помага, за да не биде оптоварена црквата, та да може да им помага на оние кои се вистински вдовици.
17. На старешините кои добро управуваат, треба да им се укажува двојна чест, особено на оние кои се трудат во проповедање и поучување.
18. Зашто Писмото вели: "Не врзувај му ја устата на волот што врши;" и: "Работникот ја заслужува својата заработка."
19. Не примај обвинение против старешина, освен по изјава на двајца или тројца сведоци.
20. Оние кои грешат укори ги пред сите, за останатите да имаат страв.
21. Те заколнувам пред Бог, пред Христос Исус и пред избраните ангели, да го чуваш ова без предрасуди и да не правиш ништо со пристрасност !
22. Не полагај раце пребрзо на никого и не учествувај во туѓи гревови! Чувај се себеси чист!
23. Не пиј веќе само вода, туку земај по малку вино, заради твојот желудник и честите боледувања.
24. Гревовите на некои луѓе се видливи однапред и пред нив одат на суд, а на некои одат по нив.
25. Исто така и добрите дела се видливи, а и оние што не се, не можат да се скријат.

  1Timothy (5/6)