1Timothy (4/6)  

1. А Духот јасно вели дека во подоцнежните времиња некои ќе отпаднат од верата и ќе слушаат измамливи духови и демонски учења,
2. преку лицемерството на лажливци кои се жегосани во својата совест,
3. кои забрануваат стапување во брак и бараат воздржување од храна, што Бог ја создал за да ја земаат со благодарност оние кои веруваат, кои ја знаат вистината.
4. Зашто сè што е создадено од Бог добро е, и ништо не треба да се отфрла ако се прима со благодарност,
5. зашто се осветува преку Божјото слово и молитва.
6. Ако им укажуваш за ова на браќата, ќе бидеш добар служител на Христос Исус, и хранет со зборовите на верата и на здравото учење што го следиш.
7. Избегнувај од нечисти и бапски приказни и обучувај се во побожност,
8. зашто телесната обука е малку полезна, а побожноста е полезна за сè, зашто има ветување за сегашниот и идниот живот.
9. Тоа е веродостојно слово и достојно за целосно примање.
10. Затоа ние се трудиме и се бориме, зашто нашата надеж сме ја устремиле кон живиот Бог, Кој е Спасителот на сите луѓе, а особено на верните.
11. Порачувај го и поучувај го ова!
12. Никој да не те презира заради твојата младост, туку, биди им пример на верните во говорот, во поведението, во љубовта, во верата и во чистотата!
13. Додека дојдам внимавај на читањето на словото, на опоменувањето и на поучувањето!
14. Не занемарувај го духовниот дар кој е во тебе, кој ти е даден преку пророштво, со ракополагање од старешините.
15. Размислувај за тоа и биди во тоа, та твојот напредок да им биде видлив на сите!
16. Bнимавај на себеси и на учењето! Истрај во него, зашто правејќи го ова ќе се спасиш и себеси и оние кои те слушаат.

  1Timothy (4/6)