1Timothy (3/6)  

1. Bеродостојно е словото: кој сака надзорништво, добра работа посакува.
2. Според тоа, надзорникот треба да биде: непорочен, маж на една жена, умерен, разумен, уреден, гостољубив, способен да поучува;
3. не пијаница или жесток, туку трпелив, не наклонет кон расправии, не среброљубец,
4. кој управува добро со својот дом и има покорни деца со сета сериозност
5. (зашто ако не знае да управува со својот дом, како ќе се грижи за Божјата црква?),
6. да не е новообратен за да не се возгордее и да падне во осудата како ѓаволот!
7. А треба да има и добар углед пред надворешните, за да не биде прекоруван и да падне во стапицата на ѓаволот.
8. Исто така, ѓаконите треба да бидат сериозни , не двојазични, да не сакаат многу вино или да се склони кон нечесна печалба,
9. туку такви кои со чиста совест ја пазат тајната на верата.
10. И првин да бидат проверени, а после да ја вршат службата ако се непорочни.
11. Исто така жените треба да бидат сериозни, да не клеветат, трезвени и верни во сè.
12. Ѓаконите да бидат мажи на една жена и да управуваат добро со своите деца и со своите домови,
13. зашто оние ѓакони кои ја извршиле добро својата служба, добиваат почесно место и голема смелост во верата во Христос Исус.
14. Ова ти го пишувам надевајќи се дека набргу, ќе дојдам кај тебе;
15. но во случај да се подзабавам, знај какво треба да биде поведението во Божјиот Дом, кој е црквата на живиот Бог, столб и потпора на вистината.
16. А според општото признание, голема е тајната на побожноста: Оној Кој се јави во тело, беше оправдан во Духот, виден од ангелите, беше навестуван меѓу народите, поверуван во светот и вознесен во слава.

  1Timothy (3/6)