1Timothy (1/6)  

1. Павле, апостол на Христос Исус по заповедта на Бог, нашиот Спасител, и на Христос Исус, нашата надеж,
2. до Тимотеј, вистинското чедо во верата. Благодат, милост и мир од Бог Таткото и Христос Исус, нашиот Господ.
3. Како што те молев, кога заминав за Македонија, да останеш во Ефес за да им заповедаш на некои да не поучуваат поинаку
4. и да не се занимаваат со сказни и со бесконечни родословја кои повеќе поттикнуваат расправии, отколку што водат кон претставување на Божјото устројство, кое е по вера.
5. А целта на нашето укажување е: љубов од чисто срце, добра совест и нелицемерна вера,
6. од што некои скршнаа во празни разговори,
7. сакајќи да бидат учители на законот, иако не го разбираат ни она што го зборуваат, ни она што упорно го тврдат.
8. Ние, пак, знаеме дека законот е добар, ако некој го применува законски,
9. знаејќи го ова дека законот не е воспоставен за праведникот, туку за беззакониците и непокорните, за безбожниците и грешниците, за несветите и нечистите, за оние кои ги убиваат своите татковци или мајки, за убијците;
10. за блудниците и за полово изопачените, за отимачите на луѓе, за лажливците, за кривоклетниците и за сè друго што му е противно на здравото учење,
11. според славното Евангелие на благословениот Бог, кое ми беше доверено.
12. Му благодарам на Христос Исус, нашиот Господ, Кој ми даде сила за тоа, зашто ме сметаше верен и ме постави во службата,
13. мене, кој порано бев хулител, и гонител, и насилник. Но ми се укажа милост, зашто го правев тоа од незнаење и неверување.
14. А благодатта на нашиот Господ, преизобилуваше со верата и љубовта во Христос Исус.
15. Bеродостојно е словото и достојно за целосно примање дека Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците, од кои прв сум јас.
16. И токму затоа добив милост, за да ја покаже Христос Исус, прво во мене, сета своја трпеливост, за пример на оние кои ќе поверуваат во Него за вечен живот.
17. На Царот кој е вечен, бесмртен, невидлив, на единствениот Бог - чест и слава во сите векови. Амин!
18. Оваа заповед ти ја предавам, чедо Тимотее, според поранешните пророштва за тебе: за преку нив да ја војуваш добрата битка,
19. имајќи вера и добра совест, кои некои ги отфрлија и претрпеа бродолом во верата.
20. Меѓу нив се Хименеј и Александар, кои ги предадов на сатаната за да научат да не хулат.

      1Timothy (1/6)