1Thessalonians (5/5)    

1. А за времињата и периодите, браќа, нема потреба да ви се пишува;
2. зашто самите вие добро знаете дека Господовиот Ден ќе дојде како крадец во ноќ.
3. Кога ќе велат: "мир и безбедност", тогаш ненадејно ќе падне погибел врз нив, како породилни маки врз бремена жена, и не ќе можат да избегаат.
4. Но вие, браќа, не сте во темнина, та Денот да ве затече како крадец,
5. зашто вие сите сте синови на светлината и синови на денот и не и припаѓаме на ноќта, ниту на темнината.
6. И така, да не спиеме како другите, туку да бдееме и да бидеме трезвени.
7. Зашто оние кои спијат, спијат ноќе и оние кои се опиваат, ноќе се опиваат.
8. А ние кои му припаѓаме на денот, да бидеме трезвени, облечени во оклопот на верата и љубовта, а како шлем, надежта на спасението,
9. зашто Бог не нè определил за гнев, туку да придобиеме спасение преку нашиот Господ Исус Христос,
10. Кој умре за нас за да живееме заедно со Него, било да сме будни или да спиеме.
11. Затоа утешувајте се меѓусебно и надградувајте се еден друг, токму така како што и правите!
12. Bе молиме, браќа, да им давате признание на оние кои вредно работат меѓу вас, кои се одговорни за вас во Господ и на оние кои ве поучуваат.
13. Ценете ги над сè со љубов, заради нивното дело. Живејте во мир еден со друг.
14. Bе молам уште, браќа, поучувајте ги неуредните, охрабрувајте ги малодушните, помагајте им на немоќните и бидете трпеливи со сите луѓе.
15. Гледајте никој никому да не враќа зло за зло, туку секогаш барајте го доброто меѓу вас и за сите луѓе!
16. Радувајте се секогаш,
17. молете се постојано и
18. благодарете за сè, зашто тоа е Божја волја за вас во Христос Исус!
19. Не гаснете го Духот, не презирајте ги пророштвата,
20. туку испитувајте сè, а држете се за доброто.
21. Bоздржувајте се од секој вид на зло!
22. А Самиот Бог на мирот да ве освети наполно!
23. И вашиот дух, душата и телото да бидат запазени целосни и беспрекорни при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос!
24. Bерен е Оној Кој ве повикува, Кој и ќе го стори тоа.
25. Браќа, молете се за нас!
26. Поздравете ги сите браќа со свет целив!
27. Bе заколнувам во Господ, ова послание да им го прочитате на сите браќа.
28. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со вас!

  1Thessalonians (5/5)