1Thessalonians (4/5)  

1. Најпосле, браќа, бараме и ве молиме во Господ Исус, така како што примивте од нас упатства како треба да живеете и да Му угодувате на Бог (како што и одите), уште повеќе да изобилувате во тоа.
2. Имено, знаете какви упатства ви дадовме во името на Господ Исус.
3. Зашто Божјата волја е вашето осветување: да се воздржувате од блудство,
4. секој од вас да знае да го држи својот сад во светост и чест,
5. не во похотна страст, како останатите народи кои не Го познаваат Бога;
6. никој да не го измамува и да не го оштетува својот брат во тоа, зашто Господ е одмаздник за таквите работи, како што ви рековме и сериозно ве предупредивме.
7. Имено, Бог не нè повика кон нечистотија, туку кон осветување.
8. Затоа, кој го отфрла тоа, не отфрла човек, туку Бога, Кој ви Го дава и Својот Свет Дух.
9. А за братољубието нема потреба да ви пишувам, зашто самиот Бог ве научи да се љубите еден со друг,
10. а вие го правите тоа спрема сите браќа во цела Македонија. Но, ве молиме пак, браќа, да го правите тоа уште повеќе
11. и сесрдно да настојувате да живеете мирен живот, да си ги гледате своите работи и да работите со своите раце, така како што ви заповедавме,
12. за да се однесувате така како што прилега кон надворешните и да немате никаква нужда.
13. Не сакаме, браќа, да останете во незнаење за починатите, за да не жалите како другите кои немаат надеж.
14. Зашто ако веруваме дека Исус умре и воскресна, така и оние кои се упокоиле во Исус, Бог ќе ги земе со Него.
15. Зашто ова ви го кажуваме преку Господовото слово, дека ние кои живееме и остануваме до доаѓањето на Господ, нема да отидеме пред оние кои се упокоиле;
16. зашто Самиот Господ ќе слезе од небото, на заповед, со глас на архангел и со Божја труба, и мртвите во Христос ќе воскреснат први.
17. Потоа ние живите кои останавме, ќе бидеме грабнати заедно со нив на облаците, за да Го сретнеме Господ во воздухот; и така засекогаш ќе бидеме со Господ.
18. Затоа, утешувајте се еден друг со овие зборови.

  1Thessalonians (4/5)