1Thessalonians (3/5)  

1. Затоа кога не можевме веќе да го издржиме тоа, сметавме дека би било добро да останеме сами во Атина,
2. а Тимотеј, нашиот брат и Божји соработник во Евангелието на Христос, го испративме за да ве зацврсти и охрабри во вашата вера,
3. за да не се поколеба никој поради овие маки; зашто сами знаете дека за тоа сме определени,
4. зашто кога бевме кај вас, однапред ви зборувавме дека ќе трпиме маки, и како што знаете, така и се случи.
5. Затоа, јас, не можејќи веќе да издржам, пратив да дознаам за вашата вера, да не би ве искушал искушувачот и да не биде залуден нашиот труд.
6. А сега, откако дојде Тимотеј од кај вас и ни донесе добра вест за вашата вера и љубов, и дека имате секогаш добар спомен за нас и дека копнеете да нè видите, како и ние вас,
7. тогаш, браќа, и покрај сета наша мака и невола се утешивме за вас преку вашата вера;
8. зашто сега навистина живееме, кога вие стоите цврсто во Господ.
9. Зашто, каква благодарност можеме да Му оддадеме на Бог за вас, за сета радост со која се зарадувавме поради вас пред нашиот Бог?
10. Ноќе и дење најсесрдно се молиме да го видиме вашето лице и да го дополниме тоа што и недостига на вашата вера.
11. А Самиот Бог, нашиот Татко, и Исус Христос, нашиот Господ, да го насочи нашиот пат кон вас!
12. А Господ да направи вие да растете и да изобилувате во љубов еден спрема друг и спрема сите луѓе, како што и ние ја имаме спрема вас,
13. за да ги утврди вашите срца да бидат непорочни во светост пред нашиот Бог и Татко, при доаѓањето на нашиот Господ Исус со сите Свои светии.

  1Thessalonians (3/5)