1Peter (4/5)  

1. И така, бидејќи Христос настрада за нас во телото, вооружете се и вие со истата цел - зашто оној кој настрадал во тело прекинал со гревот,
2. та преостанатото време на животот, во телото, да не го поминете според човечките похоти, туку според Божјата волја,
3. бидејќи доволно е тоа што во минатото ги спроведувавте желбите на многубошците трчајќи по сладострастие, похоти, пијанство, гозби, пијанки и гнасно идолопоклонство.
4. Затоа сега и се чудат дека вие не трчате со нив во истата крајност на развратот, и затоа ве клеветат.
5. Но тие ќе Му дадат сметка на Оној Кој е готов да им суди на живите и на мртвите.
6. За таа цел им беше проповедано Евангелието и на оние кои се мртви, та иако тие се судени во тело како луѓе да живеат во дух според Бог.
7. А наближи крајот на сè. Затоа бидете разумни и со трезвен дух во молитвите.
8. Пред сè, имајте сесрдна љубов меѓу себе, зашто љубовта покрива многу гревови.
9. Бидете гостољубиви еден спрема друг, без негодување.
10. Бидејќи секој од вас добил дар, користете го во служба еден на друг како добри управители на многукратната Божја благодат.
11. Ако некој говори, нека зборува како да се Божји зборови; ако некој служи, нека служи како со силата која Бог ја дава, за во сите работи да се прослави Бог преку Исус Христос, Кому Му припаѓаат славата и власта во сите векови. Амин.
12. Мили мои, не чудете се на огненото испитување што се појави меѓу вас, за да ве испита, небаре ви се случува нешто необично,
13. туку, радувајте се дека соучествувате во Христовите страдања, за да можете да се радувате и веселите при откровението на Неговата слава.
14. Блажени сте ако ве напаѓаат заради Христовото име, зашто тогаш Духот на славата и Божјиот Дух почива врз вас.
15. Никој од вас да не страда како убиец, или крадец, или злосторник или како оној што се меша во туѓи работи;
16. но, ако страда како христијанин, да не се срами, туку да Го слави Бог со тоа име,
17. зашто време е судот да почне од Божјиот дом, а ако почнува прво од нас, каков ли ќе им биде крајот на оние кои не му се покоруваат на Божјото Евангелие?
18. И "ако праведникот одвај се спасува, што ќе стане со безбожникот и грешникот?"
19. Затоа и оние кои страдаат по Божја волја, да Му ги доверат своите души на верниот Создател, правејќи добро.

  1Peter (4/5)