1Peter (3/5)  

1. Така и вие, жени, бидете им покорни на своите мажи, та ако некои не му бидат послушни на словото, да бидат придобиени без зборови, преку поведението на своите жени,
2. кога ќе го видат вашето непорочно и чесно поведение.
3. Bашето украсување да не биде надворешно: во плетење на косата, во китење со златен накит или во раскошно облекување,
4. туку во скриената личност во срцето, во нераспадливиот украс на кроткиот и тивок дух, што е од голема вредност пред Бога.
5. Зашто така некогаш се украсуваа светите жени кои се надеваа во Бог, и им се покоруваа на своите мажи,
6. како што Сара му беше послушна на Авраам и го нарекуваше господар, а вие сте нејзини ќерки, кога правите добро, немајќи страв од ништо.
7. А и вие, мажи, живејте во слога со жените како со послаб сад и искажувајќи им почит како на сонаследнички на благодатта на животот, за да не бидат спречувани вашите молитви.
8. На крајот, бидете сите едномислени, сочувствителни, братољубиви, љубезни и понизни;
9. не враќајте зло за зло или навреда за навреда, туку, напротив, благословувајте, бидејќи повикани сте токму за тоа, за да наследите благослов.
10. Зашто "кој сака да го љуби животот и да види добри денови, нека си го воздржува јазикот од зло и усните од измама;
11. нека е скраја од злото и нека прави добро, нека бара мир и нека се стреми кон него;
12. зашто Господовите очи бдеат над праведниците и Неговите уши ја слушаат нивната молитва, а Господовото лице е против оние кои вршат зло."
13. И кој ќе ви напакости, ако покажувате ревност за доброто?
14. А ако и страдате заради праведноста, блажени сте! "Не вознемирувајте се и не плашете се од нивните закани,"
15. туку прославувајте Го во своите срца Христос како Господ, секогаш готови да му одговорите на секој што бара одговор за надежта која е во вас, но со кроткост и страхопочит,
16. имајте добра совест, та оние кои го навредуваат вашето добро поведение во Христос, да се посрамат за она за што ве клеветат.
17. Зашто подобро е, ако е по Божјата волја да страдате правејќи добро, отколку правејќи зло.
18. Зашто и Христос умре за гревовите еднаш засекогаш, Праведниот за неправедните, за да може да нè одведе кај Бог; убиен во телото, но оживеан во духот;
19. во кој отиде и им проповедаше на духовите, кои се сега затворени,
20. кои некогаш беа непокорни, кога Божјото трпение ги чекаше во Ноевото време, додека се градеше ковчегот, во кој само неколкумина, односно осум души, се спасија преку водата.
21. Bо согласност со овој приказ, сега крштавањето ве спасува, кое не е отстранување на телесната нечистотија, туку е покажување на добра совест спрема Бог, преку воскресението на Исус Христос,
22. Кој Му е оддесно на Бог, откако отиде на небото каде Му се потчинија и ангелите и властите и силите.

  1Peter (3/5)