1Peter (2/5)  

1. И така, оставајќи ги настрана секоја злоба и секаква измама, лицемерство, завист и сите клевети,
2. како новороденчиња, копнејте по духовното, вистинско млеко на словото, па со него да пораснете за спасението,
3. ако сте вкусиле дека Господ е добар.
4. Пристапувајќи Му Нему како на жив камен, Кого луѓето Го отфрлија, но Кој е од Бог избран и скапоцен,
5. и вие самите, како живи камења, изградувајте се како духовен дом, за свето свештенство, за да принесувате духовни жртви, прифатливи за Бог, преку Исус Христос.
6. Зашто вака стои во Писмото: "Еве, поставувам на Сион Камен темелник, одбран и скапоцен, и кој верува во Него, нема да се засрами."
7. Оваа скапоценост, значи, е за вас кои верувате, а за оние кои не веруваат:"Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник"
8. и "камен за сопнување и карпа за соблазнување", тие се сопнуваат, бидејќи му се непокорни на словото, за што се и определени.
9. А вие сте избран род, царско свештенство, свет народ, кој Му припаѓа на Бог, за да ги прогласите доблестите на Оној Кој ве повика од темнината во Својата чудесна светлина.
10. Bие кои некогаш не бевте народ, сега сте Божји народ; вие кои некогаш не добивте милост, сега сте помилувани.
11. Мили мои, ве молам, како туѓинци и новодојдени, да се воздржувате од телесните похоти, кои војуваат против душата.
12. Однесувајте се примерно меѓу многубошците, токму во она за што ве клеветат како злосторници; така што врз основа на вашите добри дела, кога ќе ги видат, да Го прослават Бог во денот на посетата.
13. Заради Господ, покорувајте и се на секоја човечка власт: било на царот, како владетел,
14. било на управителите, како негови пратеници пратени од Него да ги казнуваат злосторниците, а да ги пофалуваат оние кои прават добро!
15. Зашто ова е Божја волја: правејќи добро, да го замолкнете незнаењето на неразумните луѓе.
16. Дејствувајте како слободни и не употребувајте ја слободата како оправдување на злото, туку користете ја како Божји слуги!
17. Почитувајте ги сите, негувајте братољубие, бојте се од Бог, почитувајте го царот!
18. Слуги, покорувајте им се на своите господари со целосна почит, но не само на добрите и кротките, туку и на суровите!
19. Зашто тоа се цени, ако заради својата совест пред Бог, човек трпи и тагува кога неправедно страда.
20. Инаку, каква е пофалбата ако трпите кога ве казнуваат за вашите престапи? Но, ако страдате и трпите кога правите добро, тоа е благодат пред Бога.
21. Зашто за тоа сте повикани, бидејќи и Христос страдаше за вас и ви остави пример, та и вие да врвите по Неговите стапки.
22. Тој не направи грев и не се најде измама во Неговата уста.
23. Тој, Кој беше навредуван, не возвраќаше со навреда; кога страдаше - не се закануваше, туку се предаде Себеси на Оној Кој суди праведно.
24. Тој Сам во Своето тело ги понесе нашите гревови на дрвото, та ние, умирајќи за гревот, да живееме за праведноста; преку Неговите рани се исцеливте.
25. Зашто талкавте како овци, но сега се вративте кај Пастирот и Чуварот на вашите души.

  1Peter (2/5)