1Peter (1/5)  

1. Петар, апостол на Исус Христос, до избраните кои живеат како новодојдени, раштркани по Понт, Галатија, Кападокија, Азија и Битинија,
2. одбрани според провидението на Бог Таткото, преку осветувањето на Духот, за послушност и попрскување со крвта на Исус Христос: да ви се множат благодатта и мирот.
3. Благословен да е Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Кој по Својата голема милост нè роди одново за жива надеж, преку воскресението на Исус Христос од мртвите,
4. за нераспадливо и неизвалкано наследство, кое не венее, запазено на небесата за вас,
5. кои сте зачувани со Божјата сила, преку верата, за спасение, готово да се открие во последно време.
6. А за ова радувајте се многу, иако сега за кратко можеби бевте на мака од разни испитувања,
7. та вредноста на вашата вера, која е поскапоцена од пропадливо злато, кое се испробува во оган, да се покаже за пофалба, слава и чест, при откровението на Исус Христос,
8. Кого Го љубите иако не сте Го виделе, во Кого верувате, иако сега не Го гледате, и се радувате со неискажлива радост полна со слава,
9. постигнувајќи ја целта на својата вера: спасение на душите.
10. Ова спасение го истражуваа и го испитуваа пророците, кои пророкуваа за благодатта што требаше да дојде.
11. Тие испитуваа на кого и на какво време посочуваше Христовиот Дух, Кој беше во нив, кога однапред навестуваше за Христовите страдања и за идната слава.
12. Ним им беше откриено дека не си служеа себеси, туку вам, со овие нешта што сега ви ги објавија преку оние кои ви го проповедаа Евангелието преку Светиот Дух кој беше испратен од небото, нешта во кои ангелите копнеат да наѕрат.
13. Затоа, соберете си го умот, бидете трезвени, утврдете ја вашата надеж целосно во благодатта која ќе ви биде донесена при откровението на Исус Христос.
14. Како послушни чеда, не сообразувајте се според некогашните похоти што ги имавте за време на незнаењето,
15. туку како и Светиот Кој ве повика, бидете и самите свети во сето свое поведение,
16. зашто е напишано: "Бидете свети, бидејќи Јас сум свет."
17. И ако Го нарекувате Татко Оној Кој непристрасно го суди секој поединец според делата, поминете го со страхопочит времето на својот животен пат,
18. знаејќи дека не сте откупени со распадливи нешта, како сребро или злато, од својот суетен живот што го имате наследено од вашите претци,
19. туку со скапоцената крв на Христос како невино и чисто Јагне,
20. Кој навистина беше предопределен пред создавањето на светот, а се јави во овие последни времиња заради вас;
21. кои преку Него верувате во Бог Кој Го воскресна од мртвите и Му даде слава, та вашата вера и вашата надеж да бидат во Бога.
22. Бидејќи ги исчистивте вашите души во послушност спрема вистината, за нелицемерно братољубие, сакајте се искрено еден друг од сè срце,
23. зашто сте новородени не од распадливо семе, туку од нераспадливото живо и вечно Божјо слово.
24. Зашто "секое тело е како трева и сета негова слава како цвет од трева: тревата венее и цветот отпаѓа,
25. а Господовиот збор останува во вечни векови." Тоа е зборот, кое ви беше проповедано како Евангелие.

      1Peter (1/5)