1John (3/5)  

1. Гледајте каква љубов ни дарувал Таткото: да се нарекуваме Божји деца. А тоа и сме! Светот затоа и не нè познава нас, бидејќи не Го позна Него.
2. Мили мои, сега сме Божји деца, и уште не се откри што ќе бидеме. Но знаеме дека кога Тој ќе се појави ќе Му бидеме слични, зашто ќе Го гледаме онаков каков што е.
3. И секој што ја има оваа надеж во Него, се исчистува самиот, така како што е и Тој чист.
4. Секој што врши грев, врши и беззаконие, а гревот е беззаконие.
5. И знаете дека Тој се јави за да ги отстрани гревовите, а во Него нема грев.
6. Ниту еден кој останува во Него, не греши. Ниту еден кој греши, не Го видел Него, ниту Го познал.
7. Чеда, никој да не ве мами. Кој чини праведност, праведен е така како што е и Тој праведен.
8. Кој чини грев, од ѓаволот е, зашто ѓаволот греши од почетокот. Затоа се јави Божјиот Син, за да ги разурне делата на ѓаволот.
9. Ниту еден кој е роден од Бог не чини грев, зашто Неговото семе е во него, и не може да греши, бидејќи е роден од Бог.
10. По ова се препознаваат Божјите чеда и ѓаволските чеда: секој што не чини праведност не е од Бог, ниту пак оној што не го љуби својот брат.
11. Зашто ова е веста што ја чувте од почетокот: да се љубиме еден со друг!
12. Не како Каин којшто беше од злиот и го уби брата си. И зошто го уби? Затоа што неговите дела беа зли, а на брат му праведни.
13. Не чудете се, браќа, ако светот ве мрази.
14. Ние знаеме дека преминавме од смрт во живот, бидејќи ги љубиме браќата. Оној кој не љуби, тој останува во смртта.
15. Секој што го мрази својот брат, е убиец, а знаете дека во ниеден убиец нема вечен живот.
16. Љубовта ја познаваме по тоа што Тој го положи својот живот за нас; и ние сме должни да ги положиме своите животи за браќата.
17. А кој има световни блага и го види братот свој во нужда, па го затвори своето срце пред него, како може Божјата љубов да остане во него?
18. Чеда, да не љубиме со збор или со јазик, туку со дело и вистина.
19. По тоа ќе познаеме дека сме од вистината, и ќе ги увериме своите срца пред Него,
20. зашто кога нашето срце нè осудува, Бог е поголем од нашето срце и знае сè.
21. Мили мои, ако срцето не нè осудува, имаме доверба пред Бог,
22. и што и да побараме од Него, добиваме затоа што ги пазиме Неговите заповеди и го правиме тоа што Му е Нему по волја.
23. А Неговата заповед е оваа: да веруваме во името на Неговиот Син, Исус Христос, и да се љубиме еден со друг, како што Тој ни заповеда.
24. Оној кој ги пази Неговите заповеди, останува во Него, а и Тој во него. А по ова знаеме дека Тој е во нас: по Духот што ни Го дал.

  1John (3/5)