1John (2/5)  

1. Чеда мои, ова ви го пишувам за да не грешите, а ако некој згреши, имаме Застапник пред Таткото - Исус Христос, Праведникот.
2. Тој е жртва за помирување на нашите гревови, и не само на нашите, туку и на гревовите на целиот свет.
3. И по тоа знаеме дека Го познаваме, ако ги вршиме Неговите заповеди.
4. Оној кој вели: "Го знам", а не ги врши Неговите заповеди, лажливец е и вистината не е во него.
5. А кој го врши Неговото слово, во него Божјата љубов навистина стигнала до совршенство. Според ова знаеме дека сме во Него:
6. оној кој вели дека останува во Него, треба да живее, како што живееше Тој.
7. Мили мои, не ви пишувам нова заповед, туку стара заповед што ја примивте од почетокот. Старата заповед е словото што го чувте.
8. Но сепак, ви пишувам нова заповед која е вистинита и во Него и во вас, зашто темнината поминува, а вистинската светлина веќе свети.
9. Оној што вели дека е во светлината, а го мрази својот брат, тој сè уште е во темнината.
10. Оној кој го љуби својот брат останува во светлината и кај него нема соблазна.
11. А оној кој го мрази својот брат е во темнината и во темнината живее и не знае каде оди, зашто темнината му ги заслепила очите.
12. Bи пишувам вам, чеда, бидејќи гревовите ви се простени заради Неговото име.
13. Bи пишувам вам, татковци, бидејќи Го познавте Оној Кој беше од почетокот. Bи пишувам вам, момчиња, бидејќи го победивте злиот. Bи напишав вам, деца, бидејќи Го познавте Таткото.
14. Bи напишав вам, татковци, бидејќи Го познавте Оној Кој беше од почетокот. Bи напишав вам, момчиња, бидејќи сте силни и Божјото слово е во вас и бидејќи го победивте злиот.
15. Не љубете го светот, ниту световните работи. Ако некој го љуби светот, љубовта на Таткото не е во него,
16. зашто сè што е во светот: похотата на телото, похотата на очите и суетната гордост на животот, не е од Таткото, туку од светот.
17. Светот заминува, и неговата похота, а оној кој ја извршува Божјата волја останува во вечни векови.
18. Чеда, настапи последен час, и како што имате слушнато дека антихристот ќе дојде, еве уште сега се јавија многу антихристи; по тоа знаеме дека е последниот час.
19. Тие излегоа од нас, но не беа од нас, зашто ако беа од нас, ќе останеа со нас, туку излегоа затоа што требаше да се покаже дека ниту еден од нив не е од нас.
20. А вие имате помазание од Светиот и знаете сè.
21. Не ви пишав како да не ја знаете вистината, туку затоа што ја знаете и зашто ниедна лага не е од вистината.
22. Кој е лажливец, ако не оној кој одрекува дека Исус е Христос? Антихрист е оној кој ги одрекува Таткото и Синот!
23. А секој што Го одрекува Синот, Го нема ни Таткото; кој Го признава Синот, Го има и Таткото.
24. Тоа што го чувте од почетокот нека остане во вас. Ако остане во вас тоа што го чувте од почетокот, и вие ќе останете во Синот и во Таткото.
25. А ова е ветувањето што Тој Самиот ни го вети: вечниот живот.
26. Ова ви го пишав заради оние кои се обидуваат да ве измамат.
27. А што се однесува до вас, во вас останува помазанието што го примивте од Него и немате потреба некој да ве поучува, туку како што Неговото помазание ве поучува за сè, и е вистинито и не е лага, и како што Тој ве научи, така останете во Него.
28. А сега, чеда, останете во Него, за да имаме доверба кога ќе се јави Тој и за да не се посрамотиме пред Него при Неговото доаѓање.
29. Ако знаете дека Тој е праведен, знајте дека секој кој врши праведност, е роден од Него.

  1John (2/5)