1Corinthians (9/16)  

1. Не сум ли слободен? Не сум ли апостол? Не го видов ли Исус, нашиот Господ? Не сте ли вие мое дело во Господ?
2. Ако на другите не сум им апостол, вам сум ви: зашто вие сте печат на моето апостолство во Господ.
3. Ова е мојата одбрана пред оние кои ме испитуваат.
4. Немаме ли право да јадеме и пиеме?
5. Немаме ли право да водиме сестра, верна жена, како и другите апостоли, Господовите браќа и Кифа?
6. Или само јас и Bарнава немаме право на издршка?
7. Кој војник служел некогаш на своја сметка? Кој сади лозје, а не јаде од неговиот плод? Или кој пасе стадо, а не го ползува млекото од стадото?
8. Го зборувам ли ова само како човек? Не го вели ли ова и Законот?
9. Зашто, во Мојсеевиот Закон е напишано: "Не врзувај му ја устата на волот додека врши!" - Зар Бог се грижи за воловите?
10. Или го вели тоа главно поради нас? Да, тоа е напишано поради нас, зашто оној што ора, треба да ора во надеж и кој врши, да врши во надеж дека ќе добие нешто.
11. Ако ние посеавме во вас духовни нешта, дали е премногу ако ожнееме од вашите земни нешта?
12. Ако други го имаат тоа право над вас, немаме ли ние поголемо? Но ние не се служиме со тоа право, туку поднесуваме сè, за да не му поставиме некаква пречка на Христовото Евангелие.
13. Не знаете ли дека од храмот се хранат оние кои исполнуваат света служба и дека служителите на жртвеникот добиваат дел од жртвеникот?
14. Така, Господ им нареди на оние што го проповедаат Евангелието, да живеат од Евангелието.
15. А јас не се ползував со ништо од сето тоа. А и ова не го напишав за да се постапува така во мојот случај, зашто за мене е подобро да умрам, отколку некој да ми ја уништи пофалбата.
16. Ако пак го проповедам Евангелието нема за што да се фалам, зашто тоа ми е обврска. И тешко мене, ако не го проповедам Евангелието!
17. Ако го правам тоа доброволно, имам награда; но, ако не го правам по своја волја, тогаш ми е доверено на управување.
18. Која е тогаш мојата награда? Проповедајќи, бесплатно да го давам Евангелието и да не го исползувам наполно своето право од Евангелието.
19. Навистина, иако сум слободен од сите, им станав роб на сите, за да ги придобијам што повеќе.
20. На Евреите им станав како Евреин, за да ги придобијам; на оние кои се под Законот им станав како под Законот, иако не сум под Законот, за да ги придобијам оние што се под Законот.
21. На оние што се без закон, како без закон, иако не сум без Божјиот Закон, туку сум под Христовиот Закон, за да ги придобијам оние што се без закон.
22. За немоќните станав немоќен, за да ги придобијам немоќните; на сите им станав сè, та по секаков начин да спасам некои.
23. А сето тоа го правам заради Евангелието, за да имам дел во него.
24. Не знаете ли дека на трката трчаат сите натпреварувачи, но само еден ја добива наградата! Трчајте така и вие, за да добиете!
25. Секој натпреварувач се воздржува од сè: тие, за да добијат распадлив венец, а ние нераспадлив.
26. Затоа јас трчам така, не бесцелно; и удирам, не како во празно,
27. туку го совладувам своето тело и го правам свој роб, та јас кој им проповедав на другите, да не бидам самиот исклучен.

  1Corinthians (9/16)