1Corinthians (7/16)  

1. А што се однесува до она за што ми пишавте, добро е за човекот да не се допира до жена,
2. но заради блудството секој маж нека си има своја жена и секоја жена свој маж.
3. Мажот нека ја исполнува својата должност спрема својата жена, а исто така и жената спрема својот маж!
4. Жената нема власт над своето тело, туку мажот. Исто така и мажот нема власт над своето тело, туку жената.
5. Не лишувајте се еден од друг, освен по договор, за некое време, за да се посветите на молитва. Потоа состанете се пак, за да не ве искушува сатаната заради недостиг на воздржливост.
6. Ова ви го велам како отстапка, а не како заповед.
7. Јас би сакал сите луѓе да бидат исти како мене. Но секој има од Бог свој дар, еден ваков, а друг онаков.
8. На неженетите и на вдовиците им велам дека е добро за нив да останат исто како мене.
9. Но, ако не можат да се воздржуваат, нека се женат и мажат, зашто е подобро да стапат во брак отколку да се распалуваат.
10. А на сопружниците им наложувам не јас, туку Господ: жената да не го напушта мажот
11. (ако го напушти, нека остане немажена или нека се помири со својот маж); и мажот да не ја остава својата жена.
12. А на другите им велам јас, а не Господ: ако некој брат има жена која не верува, а која се согласува да живее со него, да не ја напушта!
13. А жената која има маж, кој не верува, а кој се согласува да живее со неа, да не го напушта мажот,
14. зашто мажот кој не верува, се осветува преку жената, а жената која не верува, се осветува преку мажот. Инаку вашите деца би биле нечисти, а сега се свети.
15. Но, ако оној кој не верува замине - нека замине! Bо таков случај, братот или сестрата не се обврзани, бидејќи Бог нè повикал да живееме во мир.
16. Зашто, откаде знаеш ти, жено, дали не ќе го спасиш мажот? Или откаде знаеш ти, мажу, дека не ќе ја спасиш жената?
17. Bпрочем, секој нека оди онака, како што Господ му доделил, како што Бог го повикал! Така наредувам по сите цркви.
18. Ако повиканиот е веќе обрежан, да не стане необрежан; ако ли е необрежан, да не се обрежува!
19. Обрежувањето е ништо, и необрежувањето е ништо, а она што е важно е извршувањето на Божјите заповеди.
20. Секој нека остане онаков каков што е повикан!
21. Ако си повикан како роб? Не грижи се! Но, ако можеш да станеш слободен, подобро искористи го тоа,
22. зашто оној кој е повикан во Господ како роб, слободен е во Господ; исто така, и оној кој е повикан како слободен, Христов роб е.
23. Скапо сте платени! Не станувајте им робови на луѓето!
24. Браќа, секој нека остане пред Бог во она во што бил, кога бил повикан.
25. За девиците немам заповед од Господ, но го кажувам своето мнение како таков, кој по Господовата благодат, е достоен за доверба.
26. Според тоа, сметам дека ова е добро заради сегашната потреба: дека е добро за човекот да остане таков, како што си е.
27. Сврзан ли си со жена, не барај развод! Разврзан ли си од жена, не барај жена!
28. Но, и да се ожениш, не грешиш; а ни девицата не греши ако се омажи. Но, таквите ќе имаат телесни неволи во животот, а јас пак се обидувам да ве поштедам.
29. Браќа, ви го велам ова: времето е кратко, па затоа оние кои имаат жени, да бидат како да ги немаат,
30. и оние кои плачат, како да не плачат; и оние кои се радуваат, како да не се радуваат; и оние кои купуваат, како да не поседуваат;
31. и оние кои го ползуваат овој свет, како да не го ползуваат потполно, зашто поминува обликот на овој свет.
32. Но би сакал да не бидете загрижени. Оној кој не е во брак, се грижи за она што е Господово: како да Му угоди на Господ.
33. А женетиот се грижи за земното: како да и угоди на жената,
34. та вниманието му е поделено. Немажената жена, девицата, се грижи за Господовото, за да биде света во телото и во духот; а мажената се грижи за световното, како да му угоди на својот маж.
35. Ова го зборувам за ваша сопствена полза. Не за да ве ограничам, туку за да се истакне пригодното и да немате непопречена посветеност спрема Господа.
36. Мисли ли некој дека постапува неприлично со својата девица, која навлегла во години, и дека така треба да биде, нека прави како што сака: не греши, нека се мажи!
37. А оној, кој стои цврсто во своето срце и нема потреба, туку владее со својата волја, и решил во своето срце да ја запази својата девица, добро прави.
38. Значи, оној што ќе ја омажи својата девица добро прави, а оној што ќе ја омажи, прави подобро.
39. Жената е врзана додека мажот и е жив. Ако и умре мажот, слободна е да се премажи за кого сака, но само во Господ!
40. А, според моето мислење, ќе биде посреќна ако си остане така; а мислам дека и јас Го имам Божјиот Дух.

  1Corinthians (7/16)