1Corinthians (4/16)  

1. И така, секој човек, во таа смисла, нека нè смета за Христови служители и за управители на Божјите тајни!
2. А од управителите натаму се бара секој да се покаже доверлив.
3. За мене сосем малку ми значи што ме осудувате вие или друг човечки суд, всушност ни самиот јас не се судам себеси.
4. Зашто сум свесен дека во ништо не сум виновен, но со тоа не сум оправдан. Туку, Господ е Тој Кој ќе ме суди.
5. Затоа не судете ништо предвреме, пред да дојде Господ, Кој ќе го изнесе на видело скриеното во темнина и ќе ги открие намерите на срцата, и тогаш сечија пофалба ќе дојде од Бог.
6. А врз себе и врз Аполос покажав пример, браќа, заради вас, за да научите од нас да не мудрувате повеќе од она што е напишано, за да не се вообрази ниту еден за сметка на друг.
7. Зашто, кој те смета за поинаков? Има ли нешто, што не си примил? И така, ако си примил, зошто се фалиш како да не си примил?
8. Bеќе се наситивте, се обогативте, без нас се зацаривте. И камо да се бевте зацариле, та и ние да владееме со вас!
9. Зашто, ми се чини, Бог нè постави нас апостолите последни, како осудени на смрт; зашто станавме јавен приказ пред светот, како на ангелите така и на луѓето.
10. Ние сме безумни заради Христос, а вие сте мудри во Христос! Ние сме немоќни, а вие сте силни; вие сте со чест, а ние без чест.
11. До овој час гладуваме и жеднееме, и необлечени сме, и нè бијат, и талкаме,
12. и се трудиме работејќи со своите раце. Кога нè навредуваат, ние благословуваме; кога нè прогонуваат, ние поднесуваме;
13. кога нè клеветат, ние им се обраќаме благо. Станавме како отпадок за светот, како смет исфрлен од сите, сè досега.
14. Не го пишувам ова за да ве засрамам, туку за да ве предупредам како мои мили чеда,
15. зашто, ако имате безбројни воспитувачи во Христос, сепак немате многу татковци, зашто јас ви станав татко во Христос Исус преку Евангелието.
16. Затоа, ве молам угледајте се на мене.
17. Затоа и го испратив кај вас Тимотеј, моето мило и верно чедо во Господ. Тој ќе ви напомне за моите патишта во Христос, како што поучувам насекаде и во секоја црква.
18. Некои се вообразија, како да нема да дојдам кај вас.
19. Но наскоро ќе дојдам кај вас, ако сака Господ, и тогаш ќе ги дознаам не зборовите на оние вообразените, туку нивната сила,
20. зашто Божјото царство не се состои во зборови, туку во сила.
21. Што сакате? Да дојдам кај вас со прачка или со љубов и со кроток дух?

  1Corinthians (4/16)