1Corinthians (3/16)  

1. Јас, браќа, не можев да ви зборувам како на духовни, туку како на телесни, како на деца во Христос.
2. Со млеко ве напоив, а не со тврда храна, зашто уште не сте способни да ја примите. А ни сега не сте способни,
3. зашто сè уште сте телесни. Не сте ли телесни и не живеете ли како обичните луѓе, штом меѓу вас има завист и препирки?
4. Не сте ли телесни кога еден зборува: "Јас сум Павлов", а друг: "Јас сум Аполосов?"
5. Па што е Аполос? Што е Павле? Служители преку кои вие поверувавте и тоа според она, колку кому Господ му дал.
6. Јас посадив, Аполос навади, но Бог направи да расте.
7. Затоа, ниту оној кој сади е нешто, ниту оној кој полева, туку Бог Кој прави да расте.
8. А оној кој сади и оној кој полева, едно се, но секој ќе ја прими својата награда според својот труд.
9. Ние сме Божји соработници, а вие сте Божја нива, Божја градба.
10. Според Божјата благодат, која ми беше дадена, јас, како мудар ѕидар, поставив основа, а друг гради врз неа. Но секој да внимава како гради врз неа.
11. Зашто, никој не може да постави друга основа, освен онаа што е поставена, која е Исус Христос.
12. Ако некој врз оваа основа ѕида со злато, сребро, скапоцени камења, дрво, сено, слама,
13. сечие дело ќе излезе на видело; денот ќе го покаже, зашто ќе се открие преку оган; а огнот ќе ја испита вредноста на сечие дело.
14. Оној, кому ќе му остане тоа што го градел, ќе прими награда;
15. а оној чие дело ќе изгори, тој ќе претрпи загуба, а самиот ќе се спаси, но така како низ оган.
16. Не знаете ли дека сте Божји храм и дека Божјиот Дух живее во вас?
17. Ако некој го урива Божјиот храм, Бог ќе го урне него, зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие.
18. Никој нека не се мами. Ако некој меѓу вас мисли дека е мудар во овој свет, нека стане безумен, за да може да стане мудар,
19. зашто мудроста на овој свет е безумство пред Бог! Зашто напишано е: "Тој ги разоткрива мудрите во нивното лукавство."
20. И пак: "Господ ги знае мислите на мудрите, знае дека се суетни."
21. Затоа никој да не се фали со луѓе! Зашто сè е ваше,
22. било да е Павле, или Аполос, или Кифа, или светот, или животот, или смртта, или сегашноста, или иднината, сè ви припаѓа вам,
23. а вие Му припаѓате на Христос, а Христос на Бог.

  1Corinthians (3/16)