1Corinthians (2/16)  

1. А јас, кога дојдов кај вас, браќа, не дојдов со надмоќен говор или мудрост, навестувајќи ви го Божјото сведоштво;
2. зашто решив да не знам меѓу вас ништо друго, освен Исус Христос, и тоа распнатиот.
3. И јас бев со вас во немоќ, во страв и во многу трепет,
4. и мојата порака и мојата проповед не се состоеја во убедливи зборови на мудроста, туку во пројава на Духот и силата,
5. та вашата вера да не почива врз човечка мудрост, туку врз Божја сила.
6. Па сепак, говориме за мудрост меѓу оние кои се зрели; но не мудроста на ова време ни на владетелите на денешницата, кои се минливи,
7. туку говориме за Божјата мудрост, во тајна, скриена, која Бог од дамнина ја предопределил за наша слава;
8. мудрост која не ја разбрал ниту еден од владетелите на денешницата, зашто ако ја беа разбрале, немаше да Го распнат Господ на славата;
9. туку, како што е напишано: "Што око не видело, што уво не чуло и што во човечко срце не дошло, тоа Бог го подготви за оние кои Го љубат."
10. А Бог ни го откри тоа нам преку Духот, зашто Духот испитува сè, па дури и Божјите длабочини.
11. Зашто, кој од луѓето знае што е во човекот, освен човечкиот дух што е во него? Па така, никој не знае што има во Бог, освен Божјиот Дух.
12. А ние не го примивме духот на овој свет, туку Духот Кој е од Бог, за да ги знаеме нештата што Бог дарум ни ги дал.
13. Нешта кои не ги зборуваме со зборови научени од човечка мудрост, туку научени од Духот, изразувајќи го духовното со духовни зборови.
14. А душевниот човек не го прима она што е од Божјиот Дух, зашто тоа е безумство за него, и не може да го разбере, зашто за тоа треба да расудува на духовен начин.
15. Духовниот човек пак, испитува сè, а него никој не го испитува,
16. зашто: "Кој го запозна Господовиот ум, за да Го поучи?" А ние го имаме Христовиот ум.

  1Corinthians (2/16)