1Corinthians (15/16)  

1. Bи напомнувам, браќа, за Евангелието, кое ви го проповедав, што вие го примивте и во кое стоите,
2. преку кое и сте спасени, ако цврсто го држите како што ви го навествував, освен ако не сте поверувале напразно.
3. Зашто, најпрвин ви го предадов она што го бев и примил: дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата,
4. и дека беше погребан и дека воскресна на третиот ден, според Писмата;
5. дека му се јави на Кифа, а потоа и на дванаесеттемина.
6. Потоа им се јави едновремено на повеќе од петстотини браќа, од кои повеќето се живи до денес, а некои починаа.
7. Потоа му се јави на Јаков, и потем на сите апостоли.
8. А најпосле ми се јави и мене како на недоносче.
9. Зашто јас сум најмал меѓу апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата црква,
10. но по Божја благодат сум она што сум. А Неговата благодат спрема мене не се покажа залудна, туку се потрудив повеќе од сите нив, но не јас - туку Божјата благодат, која е со мене.
11. И така било јас или тие, така проповедаме, а така и поверувавте.
12. Но, ако се проповеда дека Христос воскресна од мртвите, како некои меѓу вас велат дека нема воскресение на мртвите?
13. Ако нема воскресение на мртвите, тогаш ни Христос не воскреснал,
14. а ако Христос не воскреснал, тогаш залудна е нашата проповед, залудна е и вашата вера.
15. Ако навистина мртвите не воскреснуваат се наоѓаме како лажни Божји сведоци, бидејќи сведочевме за Бог дека Го воскресна Христа, Кого не Го воскреснал.
16. Зашто, ако мртвите не воскреснуваат, ни Христос не воскреснал.
17. А ако Христос не воскреснал, суетна е вашата вера - вие сè уште сте во вашите гревови.
18. Тогаш и оние кои починале во Христос, загинале.
19. Ако само во овој живот се надеваме на Христос, ќе бевме за жалење, повеќе од сите други луѓе.
20. Но сега, Христос воскресна од мртвите, како првина на оние кои починале.
21. Бидејќи смртта дојде преку човек, така преку човек дојде и воскресението од мртвите.
22. Зашто, како што сите умираат во Адам, така и во Христос сите ќе оживеат.
23. Но секој по својот ред: Христос како првина, а потоа оние кои се Христови, во времето на Неговото доаѓање.
24. Тогаш доаѓа крајот, кога Тој ќе Му го предаде царството на Бог и Таткото; откако ќе го уништи секое началство и секоја власт и сила.
25. Зашто, Тој треба да владее "додека не ги собори сите Свои непријатели под нозете Негови."
26. Последниот непријател кој ќе биде уништен е Смртта.
27. Зашто "Сè потчинил под Неговите нозе." А кога вели, "сè е потчинето", јасно е дека е потчинето сè, освен Оној Кој Му потчинил сè.
28. Кога ќе Му биде потчинето сè, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Оној Кој Нему Му потчинил сè, за Бог да биде сè во сè.
29. Инаку, што ќе прават оние што се крштаваат за мртвите? Ако мртвите воопшто не воскреснуваат, зошто се крштаваат за нив?
30. Зошто сме ние во опасности секој час?
31. Со пофалба заради вас, браќа, која ја имам во Христос Исус, нашиот Господ, јас умирам секој ден.
32. Ако од човечки побуди се борев со ѕверови во Ефес, каква ми е ползата? Ако мртвите не воскреснуваат, "да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме!"
33. Не мамете се - "лошото друштво ги расипува добрите навики!"
34. Отрезнете се како што треба и престанете да грешите, зашто некои не знаат за Бог. За ваш срам го велам ова.
35. Туку, некој ќе праша: "Како воскреснуваат мртвите? И во какво тело ќе дојдат?"
36. Неразумен човеку, тоа што го сееш не оживува, ако не умре.
37. И кога го сееш, не го сееш телото што ќе биде, туку голо зрно, било пченично или од нешто друго.
38. А Бог му дава тело какво што сака, и на секое семе негово тело.
39. Сите тела не се еднакви; туку друго е човечкото, и друго е животинското тело, друго е телото на птиците, и друго на рибите.
40. Има и небесни тела и земни тела, но една е славата на небесните тела, а друга на земните.
41. Поинаков е сјајот на сонцето, а поинаков е сјајот на месечината, и друг е сјајот на ѕвездите, а и ѕвезда од ѕвезда се разликува според сјајот.
42. Така е и со воскресението на мртвите; се сее во распадливост, а воскреснува во нераспадливост;
43. се сее во бесчестие, а се воскреснува во слава; се сее во немоќ, а се воскреснува во сила;
44. се сее природно тело, а воскреснува духовно тело. Ако има природно тело, има и духовно тело.
45. Исто напишано е: "Првиот човек, Адам, стана жива душа"; а последниот Адам - животворен Дух.
46. Но не е прво она што е духовно, туку прво е природното, а потоа духовното.
47. Првиот човек е од земјата, земјен; вториот човек е од небото.
48. Каков е земјениот, такви се и земјените; каков е небесниот, такви се и небесните.
49. И како што го носевме ликот на земјениот, така ќе го носиме и ликот на небесниот.
50. Ова ви го велам, браќа: тело и крв не можат да го наследат Божјото царство; ниту распадливото може да го наследи нераспадливото.
51. Еве! Bи кажувам тајна: не ќе умреме сите, туку сите ќе се измениме,
52. во еден момент, за миг на окото, при последната труба: имено трубата ќе затруби и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се измениме,
53. зашто треба ова распадливото да се облече во нераспадливо и ова смртното да се облече во бесмртност.
54. А кога ова, распадливото, ќе се облече во нераспадливост и, ова, смртното ќе се облече во бесмртност, тогаш ќе се збидне напишаното: "Победата ја проголта смртта.
55. О, смрт, каде ти е победата? О, смрт, каде ти е осилото?"
56. Осилото на смртта е гревот, а силата на гревот е законот.
57. Но, фала Му на Бога, Кој ни даде победа преку Нашиот Господ Исус Христос.
58. Затоа, мои мили браќа, бидете цврсти, непоколебливи, секогаш пребогати во Господовото дело, знаејќи дека вашиот труд во Господ не е залуден.

  1Corinthians (15/16)