1Corinthians (14/16)  

1. Стремете се кон љубовта! Копнејте за духовни дарови, а особено да можете да пророкувате!
2. Зашто, оној што зборува на јазик, не им зборува на луѓето, туку на Бог, бидејќи никој не го разбира, но во духот зборува тајни.
3. А оној што пророкува, им зборува на луѓето за поука, за опомена и утеха.
4. Кој зборува на јазик, се надградува себеси, а оној што пророкува ја надградува црквата.
5. Би сакал сите да зборувате на јазици, а уште повеќе да пророкувате. Зашто, оној што пророкува е поголем од оној што зборува на јазици, освен ако ги толкува, та заедницата да добие поука.
6. А сега, браќа, ако дојдам кај вас зборувајќи на јазици, каква полза ќе имате од мене, освен ако не ви зборувам по пат на откровение, или знаење, или пророштво или поука?
7. И бездушните нешта што даваат звук, како кавалот или харфата, ако не даваат различни звуци, како ќе се знае што свири кавалот или харфата?
8. Ако трубата дава неопределен звук, кој ќе се подготвува за бој?
9. Така и вие: ако со јазикот не изговарате разбирливи зборови, како ќе се разбере што зборувате? Ќе зборувате во ветар.
10. Bо светот има којзнае колку разни звуци, и ниеден не е без значење,
11. или, ако не го познавам значењето на јазикот, ќе му бидам туѓинец на оној што зборува, а оној што зборува, ќе ми биде туѓинец мене.
12. Така и вие, бидејќи копнеете за духовни дарови, настојувајте да ги имате во изобилство за надградба на црквата!
13. Затоа оној што зборува на јазик, нека се моли за да може да го толкува.
14. Зашто, ако се молам на јазик, мојот дух се моли, но мојот ум е бесплоден.
15. Што значи тоа? Ќе се молам со духот, но ќе се молам и со умот; ќе пеам со духот, но ќе пеам и со умот.
16. Зашто ако благословуваш само со духот, како неупатениот посетител ќе рече "Амин" на твоето благодарење, кога не знае што зборуваш?
17. Зашто, ти навистина благодариш, но другиот не се надградува.
18. Му благодарам на Бог дека зборувам на јазици повеќе од сите вас;
19. но во црква повеќе сакам да кажам пет збора со мојот ум, за да ги поучам и другите, отколку десет илјади зборови на непознат јазик.
20. Браќа, немојте да сте деца во умот, туку бидете детинести во злото, а зрели во умот!
21. Bо Законот е напишано: "Преку луѓе кои говорат на туѓи јазици и преку усните на туѓинци, ќе му зборувам на овој народ, но и тогаш нема да Ме послушаат - говори Господ-."
22. Затоа јазиците не се знак за оние што веруваат, туку за неверниците; пророштвото пак, не е за неверниците, туку за оние што веруваат.
23. Ако пак целата црква се собере на едно место, и ако сите зборуваат на јазици, и ако влезат неупатени или неверници, нема ли да речат дека сте полуделе?
24. Но, ако сите пророкуваат, а влезе некој неверник или неупатен, сите го разобличуваат, и сите го осудуваат;
25. тајните на неговото срце се откриваат и така тој ќе падне ничкум, ќе Го прослави Бога и ќе изјави дека Бог е навистина меѓу вас.
26. Што тогаш, браќа? Кога се собирате, секој од вас има псалм, има поука, има откровение, има јазик, има толкување. Сè нека биде за поука!
27. Ако некој зборува на јазик, нека зборуваат по двајца, или најмногу по тројца, и тоа еден по друг, а еден нека толкува!
28. Ако нема толкувач, нека молчи во црквата; и нека си зборува сам на себе и на Бог!
29. Пророците пак, нека зборуваат по двајца или тројца, а другите да расудуваат.
30. Ако некому од седнатите му дојде откровение, првиот нека замолчи!
31. Зашто сите можете да пророкувате еден по еден, за да се поучат сите и за да се охрабрат сите.
32. И пророчките духови им се покоруваат на пророците,
33. зашто Бог не е Бог на безредие, туку на мир, како што е во сите цркви на светиите.
34. Жените да молчат во црквите; ним не им е дозволено да зборуваат, туку да се потчинуваат, како што вели законот.
35. Ако сакаат да научат нешто, нека ги прашаат своите мажи дома, зашто е непристојно жена да зборува в црква.
36. Од вас ли излезе Божјото слово? Или само до вас стигна?
37. Ако некој мисли дека е пророк или духовен, нека разбере дека ова што ви го пишувам е Господова заповед!
38. Ако некој не разбира, нека не разбира!
39. Затоа, браќа мои, посакувајте да пророкувате и не забранувајте да се зборува на јазици!
40. Но сите работи нека се вршат пристојно и уредно!

  1Corinthians (14/16)