1Corinthians (12/16)  

1. А што се однесува до духовните дарови, браќа, не сакам да останете во незнаење.
2. Знаете дека кога бевте многубошци, дозволувавте да бидете терани кон немите идоли.
3. Затоа ве известувам дека никој кој зборува со Божјиот Дух, не вели: "Проклет да е Исус," и никој не може да каже: "Исус е Господ," освен преку Светиот Дух.
4. Има различни дарови, но Духот е ист.
5. Различни се и службите, но Господ е ист.
6. Има разлики во дејствувањето, но Бог е ист, Кој врши сè во сите.
7. Но на секому му е дадена пројавата на Духот за општа полза.
8. На еден преку Духот му се дава слово на мудрост, на друг слово на знаење според истиот Дух;
9. на друг вера преку истиот Дух, а на друг пак дарови на исцелување преку истиот Дух,
10. на друг да прави чуда, на друг пророштво, на друг да разликува духови, на друг разни јазици, а на друг да толкува јазици.
11. А сето тоа го прави еден и ист Дух, Кој му разделува секому како што сака.
12. Зашто, како што е телото едно, а има многу органи, и сите органи на телото, иако се многу, едно тело се, така е и Христос.
13. Зашто ние сите сме крстени преку еден Дух, во едно тело - било Евреи, или Грци, било робови, или слободни, и сите сме напоени од еден Дух.
14. Зашто телото не се состои од еден орган, туку од многу.
15. Ако ногата рече: "Бидејќи не сум рака, не му припаѓам на телото", тоа не ја прави да не биде од телото.
16. И ако увото рече: "Бидејќи не сум око, не му припаѓам на телото", тоа не го прави да не биде од телото.
17. Ако целото тело беше око, каде ќе беше слухот? Ако целото беше слух, каде ќе беше сетилото за мирис?
18. Но Бог ги поставил органите во телото, секој еден од нив како што Му било по волја.
19. Ако пак се беше еден орган, каде ќе беше телото?
20. А сега има многу органи, а телото е едно.
21. Не може окото да и рече на раката: "Не си ми потребна", или пак главата на нозете: "Не сте ми потребни!"
22. Напротив, многу е понеопходни се оние органи на телото што изгледаат немоќни
23. и поголема почит им даваме на оние органи на телото за кои сметаме дека се за помала почит. Нашите понеугледни органи имаат поголем углед,
24. угледните, пак, немаат потреба од тоа. Но Бог така го составил телото, што му дал поголема чест на оној орган, што ја нема,
25. за да нема раздор во телото, туку органите еднакво да се грижат еден за друг.
26. И ако страда еден орган, со него страдаат сите органи; или ако се слави еден орган, сите органи се радуваат со него.
27. Bие сте Христово тело, а поодделно, негови органи.
28. А Бог поставил во црквата, прво апостоли, второ пророци, трето учители, потоа чудотворни сили, па дарови за исцелување, за помагање, за управување, и разни јазици.
29. Сите ли се апостоли? Сите ли се пророци? Сите ли се учители? Сите ли се чудотворци?
30. Сите ли имаат дарови за исцелување? Сите ли зборуваат разни јазици? Сите ли толкуваат?
31. Туку копнејте за поголемите дарови! А јас ќе ви покажам уште посовршен пат.

  1Corinthians (12/16)