1Corinthians (11/16)  

1. Угледајте се на мене, како и јас на Христос.
2. Bе пофалувам дека ме помните во сè и дека ги држите преданијата како што ви ги предадов.
3. Но сакам да знаете дека Христос е глава на секој маж, а мажот е глава на жената; а пак Бог е глава на Христос.
4. Секој маж, кој се моли или пророкува имајќи нешто на неговата глава, ја срамоти својата глава.
5. А секоја жена, која се моли или пророкува гологлава, ја срами својата глава, зашто е сосем еднаква со онаа што си ја избричила главата.
6. Имено, ако жената нема покривало, тогаш нека се истриже! Но ако е срамно за жената да се стриже или да си ја бричи главата, нека ја покрива!
7. Мажот пак, не треба да ја покрива главата, зашто е лик и слава Божја, а жената е слава на мажот.
8. Мажот не е од жената, туку жената од мажот,
9. бидејќи мажот не е создаден заради жената, туку жената заради мажот.
10. Затоа жената треба да има власт над главата, заради ангелите.
11. Но во Господ ниту мажот е независен од жена, ниту жената е независна од маж,
12. зашто како што жената има потекло од мажот, така и мажот се раѓа преку жената, а сè потекнува од Бог.
13. Пресудете сами во себе дали и прилега на жена да Му се моли на Бог без покривало?
14. Не ве учи ли самата природа дека е непристојно мажот да носи долга коса,
15. ако пак жената има долга коса, зарем не е тоа слава за неа, зашто долгата коса и е дадена место покривало.
16. Но ако некој мисли да се препира - ние немаме таков обичај, ниту Божјите цркви.
17. Давајќи ви ги овие упатства, јас не ве фалам, зашто се собирате не за подобро, туку за полошо.
18. Зашто, пред сè, кога се собирате в црква, слушам дека постојат раздори меѓу вас, и донекаде верувам во тоа,
19. зашто меѓу вас треба да има и разлики, за да се покажат проверените меѓу вас.
20. И така, кога се собирате, не е тоа за да се јаде Господовата вечера,
21. зашто на вашите вечери, секој првин си го зема своето јадење, па еден останува гладен, а другиот се опијанува.
22. Зарем си немате куќи за да јадете и пиете? Или ја презирате Божјата црква и ги срамите оние што немаат? Што да ви речам? Да ве пофалам ли? За ова не ве фалам.
23. Зашто, јас го примив од Господ она што и ви го предадов: дека Господ Исус онаа ноќ во која беше предаден, зеде леб,
24. и откако благодари, го раскрши и рече: "Ова е Моето тело, кое е за вас, правете го ова за Мој спомен!"
25. Исто така, по вечерата ја зеде и чашата и рече: "Оваа чаша е новиот завет во Мојата крв; правете го ова секојпат кога пиете, за Мој спомен!"
26. Зашто, секојпат кога ќе го јадете овој леб и ќе пиете од оваа чаша, ја објавувате Господовата смрт - додека дојде Тој.
27. Затоа, секој што јаде од лебот или пие од Господовата чаша на недостоен начин, ќе биде виновен за телото и крвта на Господ.
28. Но, секој нека се испита себеси, та така да јаде од лебот и да пие од чашата,
29. зашто оној што јаде и пие, а правилно не Го разликува Господовото тело, јаде и пие за своја осуда.
30. Затоа многумина меѓу вас се немоќни и болни, а мнозина - починаа.
31. Ако се осудуваме сами себеси, нема да ни се суди;
32. а кога сме судени, Господ нè кара, за да не бидеме осудени заедно со светот.
33. Затоа , браќа мои, кога се собирате да јадете, чекајте се еден со друг!
34. Ако е некој гладен, нека јаде дома, за да не се собирате за осуда. А другите работи ќе ги средам кога ќе дојдам.

  1Corinthians (11/16)