1Corinthians (1/16)  

1. Павле, преку Божјата волја повикан апостол на Исус Христос, и братот Состен,
2. до Божјата црква во Коринт, до осветените во Христос Исус, повиканите светии, заедно со сите кои на секое место го повикуваат името на Исус Христос, нивни и наш Господ.
3. Благодат вам и мир од Бог, нашиот Татко, и од Господ Исус Христос.
4. Секогаш Му благодарам на својот Бог за вас, за Божјата благодат што ви е дадена во Христос Исус,
5. зашто во Него се збогативте во сè, во секој говор и секое знаење,
6. како што и Христовото сведоштво се утврди во вас,
7. така што да не ви недостига ниеден дар, чекајќи го нестрпливо откровението на нашиот Господ Исус Христос;
8. Кој ќе ве утврдува докрај, за да бидете беспрекорни во денот на нашиот Господ Исус Христос.
9. Bерен е Бог, преку Кого сте повикани во заедништво со Неговиот Син, Исус Христос, нашиот Господ.
10. Браќа, ве молам во името на нашиот Господ Исус Христос, сите да зборувате исто и да нема раздори меѓу вас, туку да бидете совршено соединети во еден ум и во една мисла.
11. Имено, браќа мои, домашните на Хлое ми јавија дека меѓу вас има препирки.
12. Со ова сакам да кажам дека секој од вас зборува: 'Јас сум Павлов', 'Јас сум Аполосов', 'Јас пак Кифин', а 'Јас Христов'.
13. Дали Христос се раздели? Дали Павле беше распнат за вас? Bо Павлово ли име бевте крстени?
14. Му благодарам на Бог, што никого од вас не крстив, освен Крисп и Гај,
15. за да не рече некој дека сте крстени во моето име.
16. Го крстив уште и Стефановиот дом; натаму не знам дали сум крстил некој друг.
17. Зашто Христос не ме испрати да крштавам, туку да го проповедам Евангелието, не со говорничка мудрост - за Христовиот крст да не го изгуби своето значење.
18. Зашто, словото за крстот е безумство за оние кои гинат, а за нас кои се спасуваме, Божја сила,
19. зашто е напишано: "Ќе ја уништам мудроста на мудрите и ќе го отфрлам разумот на умните."
20. Каде е мудрецот? Каде е законикот? Каде е толкувачот на овој век? Не ја претвори ли Бог мудроста на светов во безумие.
21. Зашто, откако при Божјата мудрост светот не Го позна Бог, Негова волја беше преку безумството на проповедањето да ги спаси оние кои веруваат.
22. Зашто Евреите бараат знаци, а Грците се стремат кон мудрост,
23. но ние Го проповедаме распнатиот Христос, Кој е камен на сопнување за Евреите и безумство за народите,
24. а за повиканите, како Евреи така и Грци, Христос, Божјата сила и Божјата мудрост.
25. Зашто безумното од Бог, помудро е од луѓето, и немоќното од Бог, помоќно е од луѓето.
26. Браќа, земете го предвид вашето призвание, дека немаше многумина мудри по тело, немаше многумина силни, ниту многумина од благороден род,
27. но, Бог го избра она што е безумно во светот, за да ги посрами мудрите; она што е немоќно во светот, Бог го избра за да ги посрами силните;
28. и она што е ништожно, што е презрено во светот и она што се смета за ништо, Бог го избра за да го поништи она што е нешто,
29. за да не може ниту еден да се фали пред Бог.
30. Преку Него сте и вие во Христос Исус, Кој ни стана мудрост од Бог, праведност, осветување и откуп,
31. токму како што е напишано: "Кој се фали, во Господ да се фали!"

      1Corinthians (1/16)