1Chronicles (18/29)  

1. Потоа Давид ги порази Филистејците и ги покори, па го презеде Гет и нему потчинетите градови од рацете на Филистејците.
2. Тој ги порази и Моавците, и Моавците станаа робови на Давида и му даваа данок.
3. Давид го порази и сувскиот цар Адраазар во Емат, кога тој одеше да ја утврди власта своја при реката Еуфрат.
4. И зеде Давид од него иљада коли, седум иљади коњаници и дваесет иљади пешаци; и ги уништи Давид сите коли, оставајки од нив само сто.
5. Дамаските Сиријци сакаа да му дојдат на помош на сувскиот цар Адраазара, но Давид порази двесте и две иљади Сиријци.
6. Давид постави стража во Сирија Дамаска, и Сиријците му станаа на Давида робови и му плакаа данок. Така му помагаше Господ на Давида секогаш, каде и да одеше.
7. Давид ги одзеде златните штитови, што ги носеа Адраазаровите слуги, и ги донесе во Ерусалим.
8. А од Метавет и од избраните Адраазарови градови, Давид однесе мошне многу бакар. Од него Соломон ги направи бакарното море и столбовите, и бакарните садови.
9. Кога чу за тоа ематскиот цар Тоа, дека Давид ја поразил целата војска на сувскиот цар Адраазар,
10. го испрати синот свој Адурама при царот Давида, да го поздрави и да му благодари, поради тоа што војувал со Адраазара и го поразил - зашто Тоа беше во војна со Адраазара, - и по него испрати секакви садови златни, сребрени и бакарни.
11. Царот Давид му ги посвети на Господа, заедно со среброто и златото, што го беше одзел од сите народи: Идумејците, Моавците, Амонитите, Филистејците и Амаликијците.
12. И Саруевиот син Авеса во Солената Долина порази осумнаесет иљади Идумејци;
13. и постави во Идумеја стража, и сите Идумејци му станаа робови на Давида. Господ му помагаше на Давида секогаш, каде и да одеше.
14. И царуваше Давид на сиот Израил и делеше суд и правда на сиот народ свој.
15. Јоав, Саруевиот син, беше војвода над војската, а Јосафат, Ахилудовиот син - летописец,
16. Садок, синот Ахитов, и Авимелех, синот Авијатаров, беа свештеници, а Суса - писар,
17. Ванеја, синот Јодаев, беше над Хетејците и Фелетејците, додека синовите Давидови беа први при царот.

  1Chronicles (18/29)